Страшо АНГЕЛОВСКИ

Во 1883 година, тогашната Влада на САД, инаку, извозник на демократија и демократизирање на “режимски“ држави, во рамките на завршната акција на систематското уништување на културното наследство на американските Индијанци, ги забрани сите јазици на нивните племиња, нивната религија, култура и обичаите.

За возврат, иако затворени во резервати, како животните во зоолошките градини, иако граѓани од никаков ред, како државјани на САД, добија можност, на денот на независноста, на пример, гледајќи ги претставниците на нивната Влада како “искачуваат височини“, да бидат горди што, иако избришани во нивното постоење, се “граѓани“ на држава членка на НАТО, најблизок сојузник на ЕУ.

Денес, речиси 140 години подоцна, актуелната Влада на Република Македонија ја подготвува завршната акција за систематско уништување на културното наследство на Македонците во нивната сопствена држава, со што, после промената на името и идентитетот во договорот со Атина, преку договорот со Софија, да го зададе последниот удар врз македонското постоење.

Денес, ставајќи го на пазарџиската тезга и синот на Никола и Султана од Кукуш, најголемиот од големите, Гоце Делчев, оваа Влада не распосла по тезгите сите нас, целиот македонски народ, оној овде во државава, но, за жал, и Македонците од Пиринот, од Егејот, оние од Пустец кои грчевито се борат за своите права и, конечно, сите Македонци раселени ширум светот, по америките, австралиите…

И сето тоа, нашата и распродажбата на Гоце, ќе биде оправдувано со некаков почеток на некакви преговори за членство во ЕУ. За членство во една заедница на држави која функционира единствено преку двојни стандарди, заедница на држави длабоко поделена токму по прашањето на своето идно постоење, заедница на држави предводена од еврократи целосно отуѓени од своите матични држави и нивните интереси.

И колку за потсетување – и каталонскиот народ е веќе одамна во ЕУ. Но, не со своја држава, не со својата посебност во постоењето, токму заради двојните стандарди на таа иста ЕУ. Ете така и ние, Македонците, со држава која ќе биде обична катастарска парцела без имотен лист, со народ обезличен до индијанското постоење, со целосно одземена (читај: продадена) историја, можеби еден ден ќе бидеме дел од граѓаните на ЕУ.

На крајот, за синот на Никола и Султана, како и за сите синови и ќерки на македонските татковци и мајки, за Гоце Делчев. Тој е Бугарин исто онолку колку што можеше да биде и Југословен. Имено, доколку опстанеше поранешната творба Југославија уште стотина години, ќе завршеше еден процес на вештачко создавање на нација – југословенска, процес кој започна во осумдесеттите години од минатиот век, а кој престана со распадот на СФРЈ. Тогаш, после создавањето на таквата нација, создадена од веќе постоечките народи – Срби, Хрвати, Македонци, Словенци… Гоце Делчев, како нераскинлив дел од македонскиот народ, кој би бил конститутивен дел од југословенската нација, ќе беше претставен како Југословен.

Ете така, и ете толку, Гоце денес може да биде Бугарин – како нераскинлив дел на македонскиот народ кој ја конституираше бугарската држава и вештачки создадената бугарска нација. И како таков, како Македонец, како припадник на македонскиот народ, можат да го слават припадниците на бугарската нација, вештачки создавана минативе стотина години.

И затоа, нека остане запишано – сите ние, Македонците, сме деца на Никола и на Султана, деца на македонските татковци и македонските мајки, а нашите татковци и мајки не се на продажба и, со нивните гробови никој не смее да тргува.

Ние, Македонците, по цена на се, токму тоа мора да го спречиме и, да им ги сочуваме имињата, да им ги сочуваме гробовите.

Да ги зачуваме тие што заминале, за да им дадеме живот на тие што доаѓаат.

(авторот е претседател на МААК)