Страшо АНГЕЛОВСКИ

За да го објасниме она што ни се случува во Република Македонија последниве години, најкратко сведено на распад на системот што води кон распад на државата, а што е речиси целосно неприфатливо за секој нормален ум, ќе искористиме поими од една егзактна наука – физиката.

Тоа се поимите за центрипетална и центрифугална сила.

Центрипеталната сила, Исак Њутн ја опишал како сила од која телата се присилени, или на кој било начин тежнеат кон една точка во центарот, а доаѓа од латинските зборови : centrum – центар и, petere – да бара.

Центрифугалната сила, пак, претставува инерцијална сила која што се појавува при вртење во круг и е насочена радиално од оската на ротација, кон надвор.

Па така, според физичките законитости, “центрипетален“ е оној кој тежнее кон средината или центарот, додека “центрифугален“ е оној кој се поместува или бега од средината или центарот.

Преведено на јазикот на политиката, “центрипеталната“ сила е сила која  го обединува населението на една држава и тоа на кој било начин тежнее кон една точка во центарот. Тоа ќе рече, дека тоа е сила која граѓаните на една држава ги обединува околу точката на постоење на државата, на народот и на неговите заеднички интереси во однос на надворешните случувања, притисоци и сили кои се обидуваат да  извршат каква било промена во суштествувањето на една држава. Тоа, може да се претстави и како сила која го згуснува јадрото во средината, а ги елиминира или сведува на минимум силите кои влечат кон распад на “телото“ (во случајов,  “телото“ е државата).

“Центрифугалната“ сила, пак, според јазикот на политиката, е онаа сила која е насочена кон надвор и која, доколку не биде сопрена или ограничена, ќе доведе до распад на една држава, како што, на пример, алиштата во машината за перење би се разлетале на сите страни при користење на центрифугалната сила, доколку не се ограничени со “добошот“ во кој се вртат. Тоа, може да се претстави како сила која го разретчува јадрото на телото, го атомизира и го расфрла наоколу во парчиња (повторно, во случајов, “телото“ е државата).

“Центрифугална сила“, во случајот со Македонија, е, за жал, збир од сили кои се’ позабрзано влечат кон “надвор“, односно, кон распад на државата. Тоа се: збирштината од криминалци, меѓу кои и терористи со ветувањата од Заев дека ќе бидат слободни (дел од нив се веќе ослободени и ја растураат државава); синовите и внуците на припадниците на УДБа, на комунистичките функционери, директори и високи офицери на ЈНА (црвената буржоазија), со нивниот недосонуван сон за СФРЈ, со ветување од Заев за високи позиции иако се целосно некадарни; еден мал дел санстефански сонувачи во државава, кои веруваат во ветувањата на Заев дадени на Борисов; “шарените револуционери“ гладни за малку привилегии, ЛГБТ права и слободен пазар на марихуана, на кои Заев им го вети сето тоа; дел поранешни високи функционери од ВМРО ДПМНЕ, фатени со рацете во медот на кои лесно им се ветува или лесно се уценуваат; политичките партии на Албанците во Македонија на кои им е ветено и повеќе отколку што очекуваа; Тирана, Атина и Софија кои имаат добиено ветувања од Заев и сега, кој потрпеливо кој помалку трпеливо, ги чекаат нивните остварувања.

На сите овие, постоењето на македонската држава им значи колку и ланскиот снег, додека дел од нив во своите агенди нејзиното непостоење го имаат запишано со големи букви. Затоа, во моментов, ветувањата на Заев дадени на сите нив се додатната енергија на “центрифугалната“ сила која води кон распад на државава. Токму сите тие, се одговорот на прашањето – “Кој, како и зошто го одржува Заев на власт?“

Од другата страна, се наоѓа огромното мнозинство од македонскиот народ, кое веќе докажа дека не се согласува со  ветеното и стореното од Заев и, наспроти мноштвото “енергии“ од внатре и од надвор содржани во уништувачката “центрифугална сила“, е единствената “центрипетална сила“ која се’ уште може да го сопре погубното дејство што води кон распад на државава. Се разбира, народ, пообединет од кога било.

И, доколку е повеќе од јасно дека дадените ветувања на Заев, дел реализирани, а дел во подготовка да бидат реализирани, водат кон уништување на државата, повеќе од јасно е дека денес, тој, Зоран Заев, се’ додека е премиер, токму и да сака, не може да ја сочува Македонија. Зашто, лесно дадените ветувања на сите страни, само за да се дојде на власт, денес чекаат за наплата со лихварска камата.

Токму затоа, доколку сакаме да ја сочуваме татковината како функционална држава, повеќе од неопходно е заминувањето на Заев од премиерската функција, зашто со неговото заминување ќе заминат и неговите ветувања, односно, ќе се намали притисокот на “лихварите“ кои, во редица, чекаат да си ги наплатат долгувањата лично од него.

Доколку тој, Зоран Заев, чувствува барем еден промил потреба да се сочува државава, редно е час поскоро да се повлече од функцијата за да и ја тргне јамката од вратот на државата, на македонскиот народ и сите граѓани што сакаат оваа држава да опстане. За да почне да дише слободно и да успее да се организира во односот кон оние кои го чекаат ветеното.

Доколку не, тогаш сите ние заедно, како дел од “центрипеталната сила“, мораме да ја вдвоиме нејзината енергија и, како што би рекол Исак Њутн, да ја претвориме во сила доволно моќна од која “телата се присилени, или на кој било начин ќе тежнеат кон една точка во центарот“. А таа една и единствена точка за нас, Македонците, е опстанокот на македонската држава.

За нас Македонците, не постои ниту друга точка, ниту друг центар, освен Македонија и нејзиниот опстанок и, без разлика на партиската припадност, мораме “центрипетално“ да се “згуснеме“ обединети околу неа. Додека не биде предоцна.

(Авторот е претседател на МААК)