Страшо АНГЕЛОВСКИ
(отворено писмо до специјалниот претставник на САД Џејмс П. Рубин)
На почетокот, господине Рубин, не ќе е лошо да се потсетиме на вашето прво доаѓање на овие простори во 90-те години од минатиот век. Тогаш дојдовте како помошник за јавни односи на тогашниот државен секретар на САД, Медлин Олбрајт, жената позната како едно од најкрвожедните суштества што овие простори ги запаметило, во претседателствувањето на Бил Клинтон, во време кога, вашиот денешен претседател Џо Бајден, се залагаше за тотално бомбардирање на Белград и за уништување на Србија.
Денес, велите, доаѓате за да разговарате “за напорите на Русија, Народна Република Кина и други малигни актери, кои користат дезинформации за да ја поткопаат демократијата и националната безбедност низ целиот свет…“ И нормално, за да најдете начин како колективно “да се справите со нив“, со тие малигните, нели?
Се сеќавам, и при вашето прво доаѓање, во име на националната безбедност на САД, вашата држава се справуваше со “малигните актери“. Па така, ја бомбардираше токму амбасадата на Народна Република Кина во Белград при што загинаа невини цивили, ја бомбардираше редакцијата на Радио Телевизија Србија при што настрадаа невини цивили како “малигни актери кои користат дезинформации…“, бомбардираше мостови, болници, железнички композиции, електроенергетски систем и недоброј цивилни објекти во кои страдаа деца, жени, немоќни старци… И сите тие за вас беа “малигни актери“, па, на оние кои имаа среќа да го преживеат “демократизирањето“ на општеството, со вашата муниција со осиромашен ураниум им подаривте и малигни болести.
И сето тоа во името на вашата цивилизација, цивилизацијата на доларот, во името на единственото божеството на кое му се поклонувате – ДОЛАРОТ.
ЈАС, ПАК, ЖИВЕАМ, ВО ЦИВИЛИЗАЦИЈА НА МОРАЛОТ
За разлика од вас, јас господине Рубин живеам во една поинаква цивилизација, цивилизација која вие и не можете да ја разберете – во цивилизацијата на МОРАЛОТ. И да, влијаат врз мене “малигни актери“, посебно од Русија, Кина, Иран, Индија и Јужноафриканската Република. Токму оние кои наспроти вашиот самопрогласен “слободен свет“, создаваат еден нов, од вашето насилство “ослободен свет“.
Ќе ви ги наведам онака како ќе ми дојдат на памет:
– Конфуциј, кинески филозоф, прв човек кој развил вистински систем на мислење. Светски познат по своето учење во кое основна црта е “жен“ – ЧОВЕЧНОСТ.
– Нелсон Ролихлахла Мандела, татко на модерната Јужноафриканска Република и еден од најважните луѓе во глобалната политичка историја, човек кој го победи бруталниот систем на апартхејд и стана глобален симбол на СОЦИЈАЛНА ПРАВДА и будење НАДЕЖ.
– Мохандас Карамчанд Ганди, кој преку ненасилна граѓанска непослушност, ја доведе Индија до независност и поттикна движења за права и слободи низ светот. Почесно, Махатма, што значи ВЕЛИКОДУШЕН, ДОСТОИНСТВЕН.
– Фјодор Михајлович Достоевски, еден од најголемите светски писатели, филозофи и психолози. Павел Фокин за него ќе рече “Достоевски ни е потребен и денес, за модерниот човек повторно да го пронајде СВОЕТО ЈАС.
– Мухамед ибн Муса ел – Хорезми, персиски (Персија, денешен Иран) математичар, географ и астроном кој со воведувањето на арапските бројки во математиката ја вовел современата БРОЈЧЕНА НОТАЦИЈА. Бројки со кои и вие денес се служите, барем додека ги броите зелените банкноти.
Ете тие, Достоевски, Мандела, Ганди, Конфуциј, Муса ел – Хорезми, господине Рубин, ја граделе и ја штитат мојата цивилизација, цивилизацијата на МОРАЛОТ. Тие се “малигните актери“ на кои јас им верувам.
Истовремено, вашата цивилизација на божеството ДОЛАР, ја штитат повеќе од 750 американски воени бази ширум светот, за кои трошите над 100 милијарди зелени банкноти годишно. На крајот, за ваша жал, колку и да го штитите насилно, вашето божество ДОЛАР ќе се истркала во калта, затоа што веќе почнаа еден по еден да му се уриваат храмовите во кои го славите – големите светски банки.
ТРАДИЦИОНАЛНИТЕ ВРЕДНОСТИ НАСПРОТИ КОСКИТЕ НА ЖРТВИТЕ
И, да мојата цивилизација, цивилизацијата на МОРАЛОТ, е изградена врз вредностите на традиционалната кинеска култура, врз вредностите на традиционалното Православие и традиционалниот Ислам, врз ненасилството на хиндуизмот и глобалниот симбол на социјална правда и будење надеж.
Вашата цивилизација, господине Рубин, е изградена врз коските на милионите црвени луѓе кои ги истребивте за да им ја украдете земјата; врз коските на милионите црни луѓе кои во синџири ги продававте како робови за да ви ја изградат земјата; врз коските на дечињата од Хирошима, на дечињата од Ирак, Либија, Сирија…
И, најверојатно имињата на Кристофер Меј, Еш Вилсон, Меги Мартин, Брок Мекинтош, Џејсон Хард, Стив Ештон, Мајкл Турман и илјадници други не ви значат ништо. Тоа се имињата на илјадниците поранешни американски војници и офицери, ветерани од војните во Ирак и Авганистан, кои пред неколку дена се собраа на грандиозниот “NO NATO, NO WAR“ протест, на кој им се извинија на невините жртви од американските агресии, побараа прошка од децата сираци и, ги фрлија, велејќи дека се обично ѓубре, медалите добиените од америкаската армија, заради големата лага која морале да ја живеат.
Затоа, господине Рубин испразнете ја вашата торба со зелени банкноти пред оние политичари кои ги инсталиравте овде во Македонија, пред оние медиуми кои ја шират вашата пропаганда во борбата против “малигните актери“ и, пред оние (не)владини активисти со кои “колективно ќе се спротивставите на заканите во информативниот простор“.
Заминете си побрзо во својата цивилизација на ДОЛАРОТ, впишете си уште еден поен на своето конто во борбата за “зачувување на демократијата“, а ние, ние ќе останеме да живееме со вредностите на “малигните актери“, на Достоевски, Мандела, Ганди, Муса ел – Хорезми, Конфуциј, во својата цивилизација на МОРАЛОТ.
(авторот е претседател на МААК)