Страшо Ангеловски
Деновиве, од извор кој, нели, никогаш не шири дезинформации, од американската амбасадорка во НАТО, Кен Бејли Хачинсон дознавме дека Македонија во оваа криза има “силна поддршка“ од своите НАТО сојузници и, дека таа ќе продолжи преку испраќање контрахибридни тимови за поддршка, со цел, замислете, подготовка на медиумите за борба против дезинформациите што доаѓаат од Русија и Кина. Или, поедноставно речено, тимови што ќе цензурираат се што е надвор од ставовите на НАТО.
Токму затоа, текстов го пишувам со “староговор“, пред да бидеме вратени во Oрвеловата “1984“ со помош на временската машина на НАТО. За да биде појасно, во книгата на Орвел јасно стои дека, откако во “Океанија“, која инаку е во постојана војна со “Евроазија“ и “Истоказија“, завладеал “англосоц“ (кратенка од “англосаксонски социјализам“), се воведува “новоговор“, кој ќе биде прифатен еднаш засекогаш, “староговорот“ заборавен, а секоја еретичка мисла – односно мисла која не е во согласност со “англосоцот“ – да биде сосема непомислива, барем во онаа мерка во која зависи од зборовите. “Новоговорот“ бил замислен не за да го прошири, туку да го стесни кругот на зборови достапни на човековата мисла.
Па така, зборовите: чест, правда, морал, демократија, наука, религија, слобода и еднаквост, биле заменети со само еден збор – “зломисла“ (мисловно злосторство), а биле воведени нови зборови од типот на “полмис“ – полиција на мислите (она што денес ни го воведуваат) и “паткоговор“ – да се грака како патка (она што веќе со години го прават пропагаторите на НАТО и ЕУ).
Она што денес се случува е повеќе од пресликување на Oрвеловата “1984“. Имено, доколку САД и НАТО симболички ја претставуваат Oрвеловата Океанија, арапските земји, членки на ОПЕК (производители на нафта) – Истоказија, а Русија и Кина (заедно со сојузот БРИКС) – Евроазија, нафтената војна која во моментов се води на живот и смрт, е токму онаа постојана војна во која тие се наоѓаат. А, НАТО доктрината е Oрвеловиот “англосоц“, каде од секој агол “Големиот брат те набљудува“, каде “Војната е мир“, “Слободата е ропство“ и “Незнаењето е моќ“.
Токму затоа, пред да настапи фазата на “новоговорот“, каде што секој различен став ќе биде “зломисла“, каде што слободата навистина ќе стане ропство, војната мир, а незнаењето моќ и, кога големиот брат навистина ќе не набљудува, но и прислушува, преку секое современо средство за комуникација и секој ТВ или компјутерски екран, редно е нешто да знаеме.
Ние Македонците, најсвежо жигосани со жигот на НАТО на челото (како младите телиња кои врзани со ортома ги втеруваат во оградениот простор од каде нема бегање и, со врело железо им втиснуваат жиг, за да ги препознаат дека припаѓаат на НАТО стадото), имаме право, но и обрска да знаеме точно што се случува, додека не држат затворени во домашен притвор и во медиумски мрак:
Хронолошки, во последниве два месеци, откако започна кризата со Ковид 19 и, откако живееме во период на “high teach“ (високотехнолошка) диктатура, целосно се попречува мобилноста на поединците, нивното меѓусебно дружење и економска активност. Единствен познат период на целосен карантин на човештвото, кој наликува на денешниов, е владеењето на црната чума, од 1347 – 1350 година, но, чија смртност, според податоците на СЗО, изнесувала 60 отсто, наспроти онаа на Ковид 19, која достигнува едвај 3 отсто.
Па така, на 26 февруари, кога во Италија имаше само 300 заболени и 11 починати, генералот Тод Волтерс, командант на американските трупи во Европа (United States European Command), одговарајќи на прашања на Одборот за војна служба на американскиот Сенат, најавува дека некои воени бази во Италија и во Германија може да бидат затворени после 1 март заради ширење на коронавирусот и дека добар дел од неговите 35.000 војници “седат дома“ за да ја избегнат заразата.
Истовремено, САД на цивилите им порача да не патуваат без потреба во Италија (ниво на узбуна 3), воопшто да не патуваат во покраините Ломбардија и Венето (ниво на узбуна 4, како и за Кина), а за патување во други европски земји, на пример, Германија или Полска им препорачува “стриктни мерки на претпазливост“ (ниво на узбуна 2).
Но, гледај чудо – само неколку дена подоцна, заради веќе закажаната воена вежба на НАТО за април и мај, под име “Defender Europe 20“, а на која треба да учествуваат вкупно 30.000 американски војници (20.000 новодојдени), САД, кога е во прашање армијата, целосно го менува односот кон опасноста од пандемијата, па во март започнува забрзан трансфер на материјал. Првата оклопна единица пристигнува во Бремерхавен во Германија, а поголем дел од 20.000 парчиња воена опрема од САД пристигнуваат во 6 европски пристаништа во Белгија, Холандија, Германија, Литванија и Естонија. Паралелно, на 7 европски аеродроми пристигнува поголемиот дел од 20 – те илјади војници, од кои 6.000 припадници на Националната гарда од 15 сојузни држави.
Во меѓувреме, на 4 и 5 март во Загреб, Хрватска, претседавач со ЕУ, се состануваат министрите за одбрана на 27 земји членки на ЕУ, од кои 22 членки и на НАТО. Темата,можете ли да замислите, не е Ковид 19, кој целосно ја блокира цивилната, граѓанска мобилност, туку развој на “воената мобилност“. На состанокот, европските бирократи (од сега натаму ќе го користам зборот – еврократи) подготвиле известување според кое “Од 1990 година, европската сообраќајна инфраструктура се развивала (замислете!) само за цивилни цели. Во меѓувреме, воената мобилност одново станала клучно прашање за НАТО, кој нема алатки за подобрување на воената мобилност во Европа, за разлика од ЕУ која располага со законодавни и финансиски алатки.“
Па така, со акцискиот план за воена мобилност, кој Европската комисија го изготвила уште во 2018 година, планирана е модификација на “инфраструктурата која не е прилагодена на тежината и димензиите на воените возила“. Тие модификации се бескорисни и ништо не им значат на обичните граѓани, но скапо ќе ги чинат бидејќи само првата транша предвидена за нив, изнесува 30 милијарди евра. Значи, во време на најголемата здравствена криза, кога се умира заради недостаток на средства и материјали, се работи најитно на исклучително скапо прилагодување на европската инфраструктура за американските воени стандарди заради (замислете!) “брзо транзитирање на американската војска“.
Во меѓувреме, веќе споменатиот Тод Волтерс потврдува дека 30-те илјади американски војници до крајот на април ќе бидат “распоредени низ ЕУ“, за да ја “заштитат Европа од сите потенцијални закани“, а од името на американските трупи побара ЕУ да воспостави “воена шенген зона“ заради непречено движење на американското оружје. Како одговор на ова, од состанокот во Загреб е порачано дека токму воената вежба “Defender Europe 20“ ќе ги “идентификува сите пречки на воената мобилност, а ЕУ забрзано ќе ги отстранува“. Со тоа ЕУ, доколку и воопшто го имала, го губи целосно својот суверенитет во однос на НАТО.
И така, додека сите размислуваат како да се справат со економската криза која ќе биде застрашувачка, единствено воените буџети на земјите членки продолжуваат да растат, иако буџетот на НАТО веќе одамна ја надмина бројката од 1.000 милијарди годишно, а заради “зачувување на одбранбената способност од руската агресија“ (Би било смешно, да не е застрашувачки опасно).
Ете од тој буџет, НАТО одобри дури околу 3.300 евра помош за Македонија во перачи под притисок и други апарати, а ЕУ и покрај тоа што мораше да инвестира 30 милијарди евра за “воена мобилност“, успеа да издвои “значајни“ средства за помош на Македонија преку 5 генератори, 25 шатори, 200 душеци и 1.000 кебиња. За кои, за жал, како и на примерот со Србија, ќе се покаже дека се наменети за илјадниците мигранти кои во меѓувреме се прибрани во државава.
Ајде сега “паткоговорџии“ – во хор: благодариме НАТО, благодариме ЕУ.
(авторот е претседател на МААК)