Владата со нови критериуми за ставање на проектите на листата за капиталните инвестиции во Буџетот ќе се обиде да ја подобри нивната реализација, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Согласно новите критериуми, рече тој, проектот ќе треба претходно да биде технички подготвен и да постои реална можност да се реализира за да биде ставен на листата.
-Годинава сме посветени на реализирање на капиталните инвестиции во Буџетот и многу внимателно ги биравме проектите, бидејќи доколку не се технички подготвени не може да се реализираат во една година. Прво треба да го подготвите проектот, потоа да објавите тендер и на крај да го реализирате. Затоа е многу битно претходно да бидат технички подготвени проектите кои се наоѓаат на списокот за капитални инвестиции и барем таа фаза да биде реално спроведлива. Тоа значи да има реален изведбен проект, да има решени имотно-правни односи и да има издадена градежна дозвола, посочи Анѓушев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Тоа, како што рече, подразбира првата фаза да биде завршена за да може веднаш да се премине кон фазата на тендерирање, тендерот да заврши навремено, да почне реализација на проектот во буџетската година и целосно да се реализира доколку е помал.
-Доколку проектот е само идеја, тој во една година треба да се нацрта, дизјанира, проектира, да се извади градежна дозвола и да се распише тендер. Ако од некои причини тендерот треба да се повтори веќе нема време да се имплементира во таа година и тоа резултира со нереализирање на капитални инвестиции, рече Анѓушев.
Недоволната подготвеност на проектите ја посочи како главна причина за послабата од планираната реализаиција на капиталните инвестиции за минатата година иако, како што рече, имаше и други причини во делот на реализацијата, можеби и кадровски.