Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев смета дека е остварлив планираниот економски раст од 3,2 проценти за годинава и покрај прогнозите на Светска банка дека тој ќе достигне 2,9 проценти, а очекувањата, како што вели, ги темели на реалните факти од првиот квартал.
Во коментар на вчерашните прогнози на СБ, Анѓушев денеска изјави дека очекува раст на БДП во првиот квартал годинава повисок од проектираниот просечен раст на Владата за цела година
– Добро е што Светска банка е секогаш конзервативна. СБ и за 2018 година предвидуваше раст под 2,5 проценти, но тој заврши со 2,7 проценти. Нашите планови и согледувања се дека тоа што го планиравме ќе го оствариме и мислиме дека ќе биде уште подобро. Тоа го базираме на реалните факти од првиот квартал, изјави денеска Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања.
Според него, индустриското производство, земјоделството и градежништвото, што се основни три столба за генерирање на Бруто домашниот проиозвод во државата, се развиваат и подобро од планираното. Индустриското производство во првиот квартал има приближен раст од девет проценти, во јануари годинава во однос на јануари лани се зголеми за 12 проценти, во февруари за 7,3 проценти, а истиот тренд се задржува и во март. Градежништвото само во рамки на Јавното претпријатие за државни патишта во првиот квартал лани имало реализација од 850 милиони денари, а годинава имаме 300 проценти раст, или околу 2,8 милијарди денари во истиот период.
– Очекуваме дека и во рамки на градежништвото ќе има раст, земјоделството е исто така во слична состојба и веќе кога имаме реални конкретни бројки за раст на основните три столба тоа ни дава за право да очекуваме дека и растот на БДП во првиот квартал годинава ќе биде повисок од просечниот што го очекуваме за цела 2019 година, рече Анѓушев.
По неодамнешните оценки за работата на Владата од страна на Германската стопанска комора, вицепремиерот појаснува дека проблемите се решаваат на средби со стопанствениците кои пред се имале забелешки во делот на даночната политика и царинските тарифи за кои, посочува, постои простор да се разговара, а ќе мора да се направат со присоединувањето кон ЕУ.
– Јас не гледам голем проблем и она што е најголемо охрабрување е што доаѓаат нови германски компании и потпишуваат договори, рече Анѓушев, потсетувајќи на неодамнешната инвестиција на Герешајмер, како и дека се разговара за инвестици со уште три германски компании.
Секоја анкета, посочи Анѓушев, може да ја гледате од многу аспекти.
– На прашањето дали се потполно задоволни од Владата мислам дека ниту еден човек и домашна и странска компанија во светот не е целосно задоволна во се бидејќи секогаш има можност нешто да биде подобрено. Мислам дека непотребно се вознемири јавноста со таа бројка и се сфати премногу драстично. Вистински бројки во анкетата се дека 76 проценти повторно би инвестирале во држвава, дека најголем дел од нив ќе го зголемат своето производство и продажба, дека најголем дел од нив ќе го зголемат извозот и што е многу важно 39 проценти од нив ќе продолжат да вработуваат, еден дел ќе остане со истиот број вработени, а само десет проценти ќе го намали бројот на вработени заради тоа што не може да најде соодветен кадар, изјави вицепремиерот Анѓушев, одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.