Индиска „Малхотра“ ќе биде нов инвеститор во ТИРЗ „Скопје“, информира денеска вицепреиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Тоа е една од четирите нови странски инвестиции најавени викендот на трибина на Владата во Велес.
„Малхотра“ е компанија од автомобилската индустрија која на македонскиот пазар влегува во конзорциум со јапонска компанија. Ќе произведуваат кабли за автомобилската индустрија, односно ќе ја произведуваат суровината за сите останати фабрики во Македонија кои прават кабли за оваа индустрија.
-Ова ќе биде голема инвестиција која ќе започне во следниот период, рече Анѓушев, при увидот на активностите за изградба на капацитетот на американската компанија „Дура“ во ТИРЗ „Скопје 2“.
Одлуката за доделување земјиште на „Малхотра“ треба да биде усвоена на денешната седница на Владата. Инвестицијата на индиска „Малхотра“ е 17-та во изминатите две години.