Југохром нема да работи додека не ги исполни еколошките стандарди, но поради неговото значење за населението во регионот, но и за целокупната економија, Владата на последната седница преку Македонската банка за поддршка на развојот во Програмата за поддршка на фирми со потешкотии определи 1,5 милиони евра ликвидни средства за рестартирање на „Југохром“, рече вицепремиерот Кочо Анѓушев при денешната посета на „Југохром“ и средбата со извршниот директор на комбинатот Васко Скендеровски.
-„Југохром“ престана со работа во ноември 2016 година и по подолги разговори со менаџментот беше заклучено дека мора да се изгради филтер станицата, бидејќи заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните нема алтернатива. Согласно постојните цени на светските берзи, беше заклучено дека „Југохром“ може да работи профитабилно, а за овој кредит државата има хипотекарно покритие. Предвидената филтер станица ќе биде за двете најнови и најголеми печки што претставуваат околу 50 проценти од капацитетот на „Југохром“, а според информациите од менаџментот овој капацитет ќе овозможи враќање на поголем дел од вработените. Станува збор за решение на долгорочен и горлив проблем, а со ова затворање на финансиската конструкција се обезбедува средства освен за филтерот, набавка и на репроматеријали и други средства за рестартирање на фабриката, изјави Анѓушев.
Одговарајќи на прашање зошто се чекало толку време за да се одобри кредит за „Југохром“, Анѓушев посочи дека не постоеле механизми внатре во државата, но и во Македонската банка за поддршка и развој за ваква поддршка на македонските компании.
-Македонската банка за поддршка на развојот средствата што ги добиваше со пониски камати од меѓународните институции не можеше да ги пласира до стопанството, туку одеше преку комерцијалните банки каде има повисоки камати, а со тоа и ефектот беше помал. И овој кредит за „Југохром“ ќе има комерцијални камати, но потврдените активности и инвестиции од страна на сопственикот во изградбата на филтер станицата со сопствени средства за што добивме докази ни овозможија да го дадеме овој кредит, рече Анѓушев.
Извршниот директор на „Југохром“ Васко Скендеровски посочи дека станува збор за кредит, односно финансиска помош кој повторно е комерцијален за што „Југохром“ гарантира со залог и хипотека и ќе има комерцијална камата, меѓутоа нелегитимната состојба на фабриката што работи две години оневозможувала тие да добијат средства, така што, според него, Владата нашла и слух и разбирање да го овозможи рестартирањето.
-Сите потребни аспекти и економски и социјален и еколошки ќе бидат задоволени и исполнети за рестартирање на „Југохром“, а тоа е единствено можно само со изградба на филтер постројката. Вкупната вредност на трите одвоени филтер станици за сите печки во комбинатот е 12 милиони евра, меѓутоа оваа што се гради е со вредност од 4,2 милиони евра при што досега сопственикот има вложено 1,8 милиони евра и со овој кредит од Владата од 1,5 милиони евра затворени се 80 проценти од потребната инвестиција. Сопственикот се обврза остатокот да го инвестира во наредните пет до шест месеци, а со филтер станицата се опфатени печките 7 и 8 кои претставуваат 50 до 55 отсто од капацитетот што ќе овозможи враќање на околу 550 работници, односно 550 семејства ќе имаат егзистенција од ова. Нашите предвидувања се дека оваа филтер станица ќе биде готова до крајот на април или почетокот на мај и по ладната и топла проба што се дел од рестартирањето очекуваме во јуни „Југохром“ да почне со работа. Сега моментално на работа се 60 работици ангажирани во одржувањето во услови кога фабриката не работи. До Нова година очекуваме тука да има 150 работници, а бројката од 550 работници ќе ја постигнеме постепено паралелно со изградбата на филтер станицата, рече Скендеровски.
Шеесетгодишниот Јошко Мисоски се надева дека оваа најава од Владата за поддршка на „Југохром“ ќе се реализира, бидејќи, според него, тоа е единствениот услов Јегуновце и овој регион да заживеат.
-Гледате дека селото е пусто и голем дел од младите заминаа за Скопје и други градови во земјава па и надвор од неа, но ние имаме надеж дека со рестартирање на Југохром повторно ќе се врати животот во регионот, рече Мисоски.
Неговиот соселанец и колега од работа Александар Перишев истакна дека има 28 години стаж во „Југохром“, но откако е без работа во последните две до три години многу тешко се снаоѓа за егзистенција на себе и своето семејство бидејќи работи приватно и само повремено кога ќе го повикаат. Тој очекува дека кога ќе се рестартира „Југохром“ ќе биде вратен на работа и за да ги обучи помладите кадри кои ќе бидат ангажирани во фабриката.