Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев оцени дека кредитниот рејтинг ББ со позитивен изглед за Македонија од страна на агенцијата „Фич“ е потврда за преземените активности, реформите и правилната насока по која се движи македонската економија.
– Оваа потврда од „Фич“ покажува дека меѓународните институции кои ги оценуваат состојбите во државата веруваат во позитивен исход и позитивен правец во кој се движи економијата во Република Македонија, изјави денеска вицепремиерот Анѓушев по фрлањето на крстот во Скопје.
Со оваа оцена, „Фич“ го потврди водењето на успешна фискална политика, истакнувајќи ги реформите во системот на јавните финансии како пензиската реформа, системот на јавни набавки и фискалното правило за општините.
Според извештајот, напредокот во решавањето на проблемот со името со Грција, ќе го асфалтира патот на Македонија кон членство во НАТО и ќе го поддржи почетокот на формални преговори за членство во ЕУ, а констатација е дека подобрената политичка стабилност влијаела за закрепнување на економската активност.
Во извештајот уште се оценува дека растот на БДП ќе забрза од 2,3 проценти во 2018, на 3,2 проценти во 2019 година и 3,6 проценти во 2020 година. Подобрено е управувањето со јавните финансии преку програма усогласена со ЕУ, а „Фич“ уште нотира и дека државниот долг од 40,8 проценти од БДП на крајот на 2018, според официјалните оценки е под медијаната на групата на слични други земји од 47 проценти, додека гарантираниот долг изнесува 8 проценти од БДП.