Откако една од неговите фирми КАСТИНВЕСТ доби државни пари од Фондот за иновации, по цели три дена молк, денеска со соопштение се огласи вицепремиерот Кочо Анѓушев, кој ги повикал колегите од фирмите да ја преиспитаат одлуката за учество во државните субвенции, но смета дека тој не може да биде пречка за нивниот развој, поради искривената перцепција во јавноста.
Соопштението го пренесуваме во целост:
„Со оглед на последните случувања и реакции во јавноста сакам да истакнам дека јас сум делумно сопственик на повеќе фирми во Р.Македонија кои вработуваат вкупно над 1000 луѓе. Сите компании во кои имам сопственички удел самостојно растат, се развиваат и извезуваат готови производи на пазарите во ЕУ и САД со што повеќе кратно допринесуваат во вкупниот бдп на земјава.
Сето ова е пријавено уредно во анкетниот лист. Согласно законот, откако стапив на функција вицепремиер го испочитував во целост се откажав од управувачите функции во компаниите и како што ветив ја продадов ЕДС. Ги повикувам институциите да го проверат истото.
Фирмите се развиваат согласно пазарните услови и треба да имаат фер третман. Јас не можам да бидам пречка и да го сопрам истото и да влијаам врз одлуките што ги носат доминатните сопственици. Не гледам причина зошто вработените во компаниите во кои имам удел, поради мојата функција треба да бидат дискриминирани.
Сепак поради настанатата ерозија на вредностите и искривената перцепција која се има акумулирано во последните 10 години во услови на нетранспарентно управување и владеење јавноста е разбирливо сензитивна. Со оглед на ова ги повикав моите колеги ко сопственици да ја преиспитаат одлуката за аплицирање на мерките од Планот за економски раст и да се повлечат.
Фактот дека менаџментот на Кастинвест ја спаси единствената леарница од стечај и го рестартираше производството и вработи 100тина луѓе, ме прави оптимист дека ќе изнајдат начин да го реаизираат проектот самостојно.
Планот за економски раст е модел врз кој се темели владината економска политика за раст и развој на компаниите на кои им се обезбедувааат еднакви услови и фер третман за сите . Не смееме да дозволиме да се фрли каква било дамка на целиот процес кој патем е кристално чист – транспарентни кртериуми, јасно дефинирани услови и фер шанса за сите кои ги исполнуваат – тоа се принципите врз кои ја градевме програма за економски раст. Јас длабоко сум убеден дека економија изградена на поддршка на компании кои се развиваат е успешна економја која нуди повисоки плати и подобар животен стандард за граѓаните.„ – стои во соопштението од Анѓушев.