Недостигот на работници е се поизразен на хрватското приморје, а хрватските медиуми пишуваат дека владее вистинска војна за чистачки.

Најголемиот проблем, како што пишува сплитска „Слободна Далмација“, околу годинашнава туристичка сезона на хрватскиот дел од Јадранското Море, ќе дојде до израз во наредниве пет недели кога е шпицот од туристичката сезона.

Хрватскиот туристички синдикат проценува дека во овој период, во различни услуги во туристичко-угостителската дејност недостигаат околу 10.000 работници.

Тој факт го потврдуваат секојдневните огласи и потрага по работници, кои не се намалуваат ни во средината на јули, а моментално најголеми проблем иимаат рестораните, угостителите и баровите, кои се во потрага по „бели блузи“. Хотелиерите најмногу бараат собарки, а приватните издавачи на соби бараат лица кои ќе ги чистат и одржуваат се побројните апартмани. Се на се, во шпицот на туристичката сезона веќе не се бара само стручен угостителски кадар, туку и било каков кадар.

Хрватски изнајмувач на апартмани раскажува дека за чистење на пет апартмани, помеѓу две смени на гости, плаќа работничка 10.000 куни месечно (или околу 1.340 евра), а сплитските изнајмувачи за одржување на три до пет апартмани плаќаат од 7 до 10 илјади куни (една куна е околу 8,2 денари).

– Од терен добиваме информации од големите хотелско-туристички фирми, кои своите работници ги плаќаат поевтино, дека собарките не сакаат да им работат за 3,5 до 4 илјади куни, туку даваат отказ и одат да чистат апартмани. Велат дека така заработката им е поголема, но тоа не е постојана работа и нема плаќање на придонеси за пензиско и здравствено осигурување. Но, младите не мислат на тоа, туку одат таму каде што моментно подобро се плаќа, вели Едуард Андриќ, претседател на Синдикатот за туризам на Хрватска.

Бројот на регистрирани објекти во домаќинствата годинава пораснал за 14,3 отсто, а бројот на кревети во нив е поголем за околу 57.000 и сега изнесува вкупно 600.000 кревети.

Сите тие станови и апартмани треба да се чистат и одржуваат и по неколку пати неделно, бидејќи гостите се почесто кратко престојуваат во едно место, па апартманите во градовите се чистат и по три-четири пати неделно. Затоа цените за таква работа се во широк распон од 50 куни за мал апартман во градот до 400 куни за поголеми апартмани на островите на Јадран.