Направивме одличен модел што ќе предизвика развој на обновливите извори на енергија (ОИЕ) и нема да влијае на крајната цена што ќе ја плаќаат потрошувачите на електрична енергија, а тоа е системот на премиуми, рече вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев на Македонскиот енергетски форум 2019.
Тој на првиот панел на форумот „Енергетска транзиција во светот и регионални предизвици во постапувањето со глобалниот тренд“, што го модерираше генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, посочи дека со премиум тарифите потенцијалните инвеститори однапред ќе ги знаат сите нивни трошоци за реализација на инвестициите во фотоволтаични централи и додаде дека единствен услов за добивање дозвола ќе биде помал премиум.
-Во крајна фаза на преговори сме со ЕВН за опредлување на цената на приклучокот и можам да кажам дека во Македонски Брод и Свети Николе, каде се државните земјишта на кои ќе се градат фотоволтаици цената за приклучок на мрежата ќе биде од 25 до 30.000 евра по мегават инсталирана моќност. Со условите што ги нудиме очекувам да се изградат фотоволтаици со вкупна инсталирана моќ од 200 мегавати, рече Анѓушев.
Според него, клучно беше носењето на новиот Закон за енергетика за пројавувањето интерес за инвестиции во ОИЕ во земјава.
-Во наредните две до три години се надевам дека ќе се изградат ОИЕ со инсталирана моќ од 350 мегавати, рече Анѓушев.
Прецизира дека со примената на фидинг тарифи годишно имаше импакт од околу 19 милиони евра, а со премиум тарифите импактот нема да надмине четири милиони евра.
Во моментов, како што кажа во земјава веќе има 75 мали хидроелектрични централи, 35 се во фаза на градба, а за 18 се доделени концесии. Имаме еден ветерен парк во Богданци кој се предвидува да биде проширен за 15 мегавати, а студијата на МЕПСО покажува дека системот може да издржи до 150 мегавати ветерни електрани. Постоните централи на биогас имаат инсталирана моќ од седум мегавати, а се предвидув аизградба на нови 14 мегавати.
Директорот на Секретаријатот на Енергетската заедница Јанез Копач истакна дека земјава нема да може да ги исполни обврските до 2020 година 23 отсто од производството на енергија да биде од ОИЕ.
-Веројатно земјата нема да го постигне овој процент бидејќи во минатото не се направи многу на тоа поле, но секако ќе ги исполни обврските за 2030 година кога ќе го надополни застојот, рече Копач
Тој порача дека земјите од регионот мора полека да се откажуваат од јагленот како основно средство за производство на електрична енергија и да се фокусираат на ОИЕ.
-Фотоволтаиците стануваат најисплатлива можност за производство на електрична енергија, а јагленот е прескап за тоа. Светот се фокусира на декарбонизацијата и земјите кои нема да го следат трендот ќе постанат неразвиени во иднина. Оние, пак, кои навреме ќе го исфрлат јагленот ќе бидат развиени, рече Копач.
Посочи дека регионалната соработка ќе биде клучна за развојот на енергетскиот сектор и додаде дека на земјите што ќе пристапуваат кон Европската Унија ќе им се отвораат можности за добивање средства за инвестиции во ОИЕ.