Падот на нискоградбата во првиот квартал од 2018 година достигнува 40 проценти во споредба со истиот период лани, а има пораст во другите економски сфери, соопшти денеска на прес-конференција во Владата вицепрмиерот Кочо Анѓушев.
Тој ги презентира анализите од информациите на државните институции и стопанските комори, во првиот квартал од годинава во споредба со првиот квартал во 2017 се очекува раст на земјоделството за околу седум отсто, на преработувачката индустрија за шест проценти, на услужните дејности за 10 отсто, како и на градежништвото, во високоградба.
Зголемување бележи извозот, а за пет отсто и додадената вредност, односно паричните средства кои се во оптек. Според вицепремиерот, вкупните приходи во буџетот во првиот квартал од годинава бележат раст од 4,6 отсто , даноците пораснале за 7,2 проценти, а придонесите за шест отсто.
– Овие бројки јасно говорат за економската активност. Владата успеа да ја врати економијата во реалните рамки, подвлече Анѓушев на прес-конференцијата на која присуствуваа и министрите за финансии Драган Тевдовски, за земјоделство Љупчо Николовски и за транспорт и врски Горан Сугарески.
Во врска со нискоградбата Владата очекува пад, а се оценува дека намалувањето ќе достигне 35 до 40 проценти.
Економските анализи за првиот квартал се однесуваат на периодот од 1 јануари до 30 април годинава.