Со најавената мерка за отпис на стари долгови за потрошена електрична енергија нема да има никаква помош кон компаниите, туку само кон граѓаните кои имаат бесконечна голгота по судските и извршителските системи, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
-Премиерот само ја најави мерката како активност. Во моментов течат разговори на таа тема, а кога ќе бидат завршени јасно и прецизно ќе кажеме како ќе се случува тоа. Не станува збор дека државата ќе одвојува средства од Буџетот за да плаќа долгови, туку преговараме со компаниите да бидат отпишани во нивните книги долговите кои се генерирани многу години наназад, рече Анѓушев во одговор на новинарско прашање по состанокот на конзорциумот на проектот „БИМцерт“ од програмата Хоризонт 2020 во Стопанската комора на Македонија.
Тој посочи дека нема конкретна анализа за колку должници станува збор и додаде дека најверојатно се работи за околу 200.000 граѓани, но има и правни субјекти кои престанале да постојат.
-Со поделбата на поранешното Електростопанство на Македонија останаа одредени побарувања кои требаше да бидат поделени меѓу ЕЛЕМ, кој остана државна компанија, и приватната ЕВН. Договорот помеѓу компаниите беше доколку се наплатат тие средства да бидат поделени. Меѓутоа и после многу години тие средства не се наплатени и практично направија голгота кај многу граѓани. Во најголем дел долговите тешко може да се наплатат и само прават товар на граѓаните во бескрајни судски и извршителски постапки, појасни вицепремиерот за економски прашања.
Прашан дали Владата размислува да воведе рок за застареност на сметките за комунални такси во Законот за облигациони односи, Анѓушев рече дека во моментов не се разговара на таа тема.
Во однос на најавата од Владата дека ќе се обесштетат лозарите од Тиквешкиот регион на кои им останаа должни Повардарие, Стефанс винери и некои други помали винарии за откупеното грозје во последните неколку години, Анѓушев посочи дека не се обесштетуваат приватните компании, туку лозарите.
-Одговорна влада и одговорна држава нема што друго да направи освен да дејствува на начин на кој ќе ги обесштети луѓето ако станува збор за компании кои повеќе не можат да функционираат, односно ќе одат во ликвидација или стечај. Ние не обесштетуваме фирми, туку граѓани за да можат да ја продолжат својата дејност за егзистирање. Не постои друг начин освен државата да им помогне преку Програмата за субвенционирање на земјоделските производи зашто ако не го направи тоа лозарите од Тиквешкиот регион, кои останале оштетени од овие постапки, не ќе можат да ги продолжат своите активности, односно не ќе можат наново да засадат површини или да ги одржуваат веќе засадените. На тој начин ќе го нарушиме целиот процес на нивно производство, бидејќи повеќе години не успеале да ги земат своите средства, потенцира Анѓушев.