Околу две третини од граѓаните во Македонија не можат да ги покријат месечните трошоци со своите примања, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Како што објави ТВ Сител, на прашањето дали живеат подобро сега, или пред 5 години, 33,5% од граѓаните велат дека порано живееле подобро, 32,3% не гледаат никаква разлика, а 23,7% од анкетираните велат дека сега живеат подобро отколку пред 5 години.

Анкетата покажува дека речиси 40 отсто од граѓаните половина од својот месечен буџет го трошат само за храна.

Според мнозинството граѓани, за да се задоволат месечните потреби на едно четиричлено семејство потребни се меѓу 30.000 и 35.000 денари. Ваков став имаат 38,5% од анкетираните, а само 5,2% од анкетираните сметаат дека четиричлено семејство месечните потреби може да си ги задоволи потреботе со помалку од 20.000 денари.

Ако треба да се прави приоритетна листа за зголемување на платите во јавниот сектор, најголем дел од граѓаните сметаат дека тоа треба да се случи прво во здравството , за 19,4% приоритет треба да бидат вработените во образованието, а за 6,8% оние од јавната администрација.

Помал процент од анкетираните сметаат дека полицијата, војската и вработените во правосудниот систем треба да бидат на приоритетна листа за зголемување на нивните плати.

Речиси 60 отсто од граѓаните се согласуваат дека примањата не пензиоенрите треба да се зголемат , а 25,6% се против.

Наспроти овие резултати, министерката за труд и социјала Мила Царовска изјави дека 4-члено семејство во Македонија може месечно комотно да живее со 17.000 денари. СДСМ, чија министерка е Царовска, дојде на власт со ветување за подобар одсносно „Живот за сите“.