Околу 43,7 проценти од жителите на Каталонија би сакале таа да стане независна држава, додека 47,9 проценти се спротиставуваат на тоа, според анкетата објавена од страна на каталонскиот центар за истражување на јавното мислење.

Анкетата беше спроведена во време на тензични политички односи меѓу Барселона и Мадрид, а откако судијата на Врховниот суд осуди деветмина каталонски службеници на девет до 13 години затвор во октомври за организирање референдум за независност во 2017 година.

Уставниот суд го забрани референдумот. Официјални лица ја прогласија Република Каталонија по референдумот, но тоа не се оствари.

Анкетата беше спроведена од 14 ноември до 5 декември врз 1.500 испитаници.

Каталонија, со население од 7,5 милиони на североисток, е една од 17 автономни провинции во Шпанија. Тоа е туристиќки и индустриски мотор каде се генерира 19 проценти од БДП на Шпанија.

Од 1978 година имаат своја влада, Парламент, училишта, болници и полиција, а каталонскиот јазик е службен во тамошните институции. Централната влада на Шпанија во Мадрид управува со надворешната, одбранбената и фискалната политика.

Премиерот на Каталонија, Ким Тора, изјави во октомври дека има намера да одржи нов референдум за целосна независност и да воспостави република до крајот на мандатот во декември 2021 година.