Клоци, шамари, напади со разни предмети: околу 80 отсто од болничкиот персонал во Германија се жртви на насилство од страна на пациентите или нивните роднини. И не, тоа не е еуфемизам за нешто друго. И не, тоа најчесто не се случува во психијатриските одделенија.

Во Германија, болничкиот персонал честопати е жртва на насилство од страна на пациентите или нивните роднини – ова е заклучокот од онлајн анкетата спроведена меѓу повеќе од 1.000 работници во медицинскиот сектор. Поточно, резултатот изгледа вака: 81 процент од анкетираните потврдија дека веќе биле жртви на физичко малтретирање на работа. Повеќето од испитаниците беа удрени со клоци, но честопати и со тупаници, шлаканици или напади со разни предмети.

Новинарите од публицистичката програма „Репорт Мајнц“ и веб -страницата „Цајт Онлајн“, кои ги имаат резултатите од анкетата, разговарале на оваа тема со многу медицински сестри и негуватели. Една од нив е 28-годишната Шантал од Хамбург. Таа работи во одделот за интензивна нега во болница и била сведок на бројни напади од страна на пациентите. „За некои, агресијата е само вербална, но други плукаат, тепаат или гребат со нокти“, рече таа.

Ова е „понижувачки“

Многу од овие пациенти биле под дејство на алкохол и дрога или учествувале во тепачки, односно биле во посебна психичка состојба. За болничкиот персонал, овие напади се особено стресни, рече Шантал: -Во секој случај, тоа е многу понижувачки за нас. А ние сме всушност таму да им помогнеме. И кога ќе ви плукнат во лице во знак на благодарност – не е многу пријатно”.

– Така чувствуваат и многумина други во оваа професија, вели Кетрин Хустер. Таа работела како медицинска сестра 20 години и сега работи на одбрана на правата на своите колеги во браншата. Нејзина беше идејата за спроведување на анкетата, и заедно со полицајката Рамона Тим, го подготвиле деталниот прашалник. Идејата ја добила откако на социјалните мрежи наишле на бројни сведоштва за физички напад врз медицински сестри и болничари. Имало и фотографии од жртви со повреди – како крварење и траги од гребнатинки.

За Кетрин Хустер, резултатите од истражувањето јасно покажуваат дека насилството врз медицинскиот персонал во никој случај не е некој спорадичен феномен. – Проблемот го засега огромното мнозинство вработени во секторот. И сето ова не се случува како што веројатно би помислиле во психијатријата, туку на прво место во најобичните одделенија на болниците, потоа во одделенијата за интензивна нега и дури потоа на психијатриските клиники, вели Хустер.

Анкетата на Кетрин Хустер и Рамона Тим не е репрезентативна. Но, резултатите ги потврдуваат заклучоците од претходните истражувања. На пример, 80 проценти од испитаниците на анкетата спроведена во 81 клиника од страна на Друштвото за здравствена заштита и социјални услуги (BGW), исто така, рекле дека биле нападнати од пациенти во изминатите 12 месеци, при што во 70 проценти од случаите станува збор за физичко насилство.

На многу места ова е табу тема

Еден од главните проблеми во овој случај е тоа што за овој вид насилство не се зборува отворено. Во оваа прилика, Торстен, медицинска сестра од Северна Германија, рече: Ние не зборуваме доброволно за ова прашање. Некако се става настрана, под изговор дека ова е речиси дел од нашата професија.

Сепак, синдикатите нагласуваат дека секој работник во Германија има право на безбедно работно место. И Министерството за здравство признава дека постои ваков проблем, но потсетува дека грижата за заштита на вработените е одговорност на клиниките, а не на политиката.