Мнозинство членови на Конзервативната партија на британската премиерка Тереза Меј се противат на нејзиниот договор за брегзит со Европската унија, покажа анкета чии реззултати беа денеска објавени.

Анкетата на ЈуГов од 17 до 22 декември меѓу 1215 членови на Конзервативната партија покажа дека 59 отсто се противат на договорот, а 38 отсто го поддржуваат.

Повеќе од половината анкетирани членови рекле дека тој договор не ги почитува резултатите од референдумот за брегзит од 2016 година.

На прашање – како би гласале ако се одржи нов референдум на кој би се бирало меѓу договроот на Меј и напуштање на ЕУ без договор – само 29 отсто одговориле дека би го поддржале сегашниот договор во споредба со 64 отсто кои преферираат брегзит без договор.

На помалку од три месеци од предвиденото напуштање на Британија на ЕУ, Меј треба да добие поддршка во Парламентот за својот договор и оваа анкета може да уништи надежи дека конзервативните претставници може да попуштат и да ја поддржат.