Германија е најпочитувана држава во светот трета година по ред, оставајќи ги САД далеку зад себе во тешка битка за второто место со Кина и Русија. Тоа го покажува нова студија за светското лидерство, објавена од Гардијан.
Годишната анкета на „Галуп“ дополнително фрла сомнеж врз тврдењето на американскиот државен секретар Мајк Помпео во петокот дека САД се „совршено позиционирани“ за да го водат слободниот свет во ново идеолошко ривалство со кинеската Комунистичка партија.
САД имаа 33 отсто оценка за глобално одобрување во 2019 година, со само еден процентен поен предност од Кина и 3 отсто пред Русија. Германија е со голема предност пред сите три држави – 44 отсто.
Студијата меѓу 1.000 возрасни лица во секоја од испитаните 135 држави е спроведена во 2019 година, пред избувнувањето на пандемијата на коронавирусот.
Глобалниот статус на Вашингтон би можел да претрпи уште повеќе поради неговото лошо управување со пандемијата во која најмногу се погодени САД.
САД беа најпочитуваната земја во светот секоја година за време на администрацијата на Барак Обама, освен една (кога беше втора само за Германија во 2011 година), но тогаш нејзината популарност се намали за 18 процентни поени по инаугурацијата на Трамп, закрепнувајќи се набргу потоа на нешто повеќе од 30 отсто.