Во најновата анкета на ИРИ, процентот на испитаници што се изјасниле дека личната економска состојба им е многу добра не надминал два отсто веќе трета анкета по ред. Во февруари 2020, пред да почне корона-кризата, тоа го изјавиле пет проценти од прашаните граѓани, во март 2021 година, тој дел паднал на три отсто, а од ноември 2021 се фиксира на два отсто. Затоа, пак, процентот на тие што ја опишале својата состојба како многу лоша порасна од 11 на 21 отсто во овие три и пол години.

Сличен пад има и во врска со прашањето дали примањата на домаќинството се доволни за да се покријат месечните трошоци. Само четири проценти рекле дека примањата целосно им ги задоволуваат потребите, 31 процент дека до некаде им стигнуваат пари да го покријат месецот, 35 проценти дека примањата им се недоволни, а 29 отсто дека воопшто не им се доволни.

Пред три и пол години, оние што рекле дека можат да го поминат месецот без финансиски проблеми бил 9 отсто, а тие во најтешката категорија биле 17 отсто. Тоа е еден од повеќето параметри според кои граѓаните чувствуваат дека економската состојба им се влошува, и на нив лично, и општо во државата.

Речиси половина (45 проценти) рекле дека квалитетот на животот им се влошил. Таа бројка изнесуваше 53 отсто во анкетата од октомври 2022. Сепак, овој пад не се должи на тоа дека повеќе луѓе пријавиле подобрување на личниот статус (тој процент е идентичен, 6 отсто), туку на тоа што поголем број овојпат изјавиле дека животниот стандард им останал ист.