Секој десетти Македонец верува дека коронавирусот не постои. Вакви резултати покажало истражувањето на јавното мислење кое го спровела Владата.
Според податоците, 11% од граѓаните сметаат дека коронавирусот не постои, додека 3% немаат одговор на ова прашање. Вирусот е реалност за 86 проценти од анкетираните граѓани.
Врз основа на истражувањето, 73 проценти од граѓаните изјавиле дека немаат прележано Ковид 19, 51% дале потврден одговор на прашањето дали ќе се вакцинираат, 18 проценти се уште не одлучиле, додека пак 28% изјавиле дека не размислуваат да се вакцинираат. Во однос на полот, жените се позагрижени споредено со мажите.
„Поголемиот дел од граѓаните, или 40% (премногу + многу загрижени) велат дека се загрижени дека ќе се разболат од Ковид-19 додека пак приближно една третина од испитаниците се донекаде загрижени дека ќе се заболат со Ковид-19“ – стои во истражувањето.
Во однос на тоа кои вакцини се преферираат од граѓаните, најмногу се изјасниле за „Спутник“, а потоа следуваат „Фајзер“ и „Синофарм“. Во однос на етничката припадност, околу една третина од Албанците и граѓните од друга етничка припадност нема да се вакцинираат, споредбено со граѓаните од македонска етничка припадност.
„Спутник В“ (65%), „Фајзер“ (61%) и „Синофарм“ (50%) се вакцините со највисоки проценти со кои граѓаните би сакале да се вакцинираат. За разлика кај другите три вакцини каде што процентот за вакцинација е помал („Модерна“ – 38%, „Џонсон и Џонсон“ – 36% и „АстраЗенека“ 34%). Повеќе од половина (50%) од граѓаните прво би чекале потврда за успешноста на вакцината од случаи кои ги познаваат наспроти 42% кои веднаш би се вакцинирале“ – стои во истражувањето.
Помалку од половина од анкетираните, 44%, сметаат дека Министерството за здравство успешно се справува со пандемијата. Во однос на мерките кои биле донесени за справување со кризата, 37% се изјасниле позитивно, 35% од анкетираните не се задоволни, додека пак 27% велат дека се само делумно задоволни.
Според испитаниците, најефикасна мерка која била донесена е финанската помош за зачувување на работните места.
Анкетата, која за потребите на Владата ја спроведе „Индаго“ е направена телефонски врз репрезентативен примерок од 1.100 испитаници кон средината на март.