Над 80 отсто од Грците сметаат дека новата грчка Влада ќе ги исполни сите, некои или повеќето од основните предизборни ветувања, а речиси седум од 10 анкетирани вели дека Кирјакос Мицотакис е подобар премиер од тоа што го очекувале, според последното истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за весникот „Прото тема“, јави дописничката на МИА од Атина.
Според резултатите од анкетата, зголемена е и разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА. Владејачката партија има водство од 18,1 процент пред опозициската партија.
Поконкретно, Нова демократија е прва со 42,9 отсто, СИРИЗА втора со 24,8 проценти, а потоа следат Движење на промена (шест проценти), Комунистичката партија (5,4 отсто) и Грчко решение и МЕРА25.
Во однос на работата на Владата, 81,4 отсто од граѓаните сметаат дека ќе ги исполни предизборните ветувања. Вкупно 11,2 проценти рекле дека ќе ги исполни сите ветувања, 34,6 отсто повеќето ветувања, а 35,6 проценти некои од нив. Само 16,4 отсто сметаат дека нема да ги исполни ветувањата дадени пред изборите на 7 јули годинава.
На прашањето „Кое е сега вашето мислење за Кирјакос Мицотакис, во споредба со претходно“, 68,2 отсто од испитаниците дале позитивен одговор, односно 48,2 одговориле „подобро“, 20 проценти „исто добро“, а негативно одговориле 28,2 проценти.
Четворица од 10 анкетирани рекле дека зборот што најдобро го изразува нивниот став кон Владата на Мицотакис е „поддршка“, 32,5 отсто одговориле „толеранција“, 15 проценти „разочараност“, а 11,4 проценти „лутина“.
Весникот „Прото тема“, во анализата на резултатите од анкетата, коментира дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговата Влада „и понатаму се политички доминантни, со силен кредибилитет и силна поддршка од поширокиот дело од јавноста“.