Речиси половина од Германците очекуваат канцеларот Фридрих Мерц да биде сменет до крајот на годината, покажува истражување на „ЈуГав“ (YouGov), цитирано од ДПА.
Според анкетата, 48 отсто од 1.611 испитани Германци очекуваат дека Мерц до крајот на годината нема да биде канцелар, додека 31 отсто сметаат дека тој ќе остане на функцијата. Одговор на тоа прашање не дале 21 отсто од испитаниците.
Мерц, чиј рејтинг падна во последните месеци, би можел да се соочи со ново понижување веќе за два дена, на изборите в недела кога две источни покраини ќе гласаат на локалните избори, и тоа две седмици откако крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) оствари убедлива победа во Саксонија-Анхалт, забележува ДПА.
На изборите во Саксонија-Анхалт каде што АфД освои речиси 44 отсто од гласовите, а Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц падна на 17 отсто, беа поттикнати сериозни шпекулации дали канцеларот би можел да биде принуден да се повлече.
Последните истражувања покажуваат дека ЦДУ може да очекува околу седум отсто поддршка во покраината Мекленбург-Западна Померанија, што е опасно блиску до изборниот праг од пет отсто за влез во покраинскиот парламент.
Доколку тој резултат биде потврден на изборите в недела, тоа ќе биде најлошиот резултат на партијата во која било од 16-те германски покраини, како и на национално ниво, од крајот на Втората светска војна наваму.




