Државната комисија за спречување на корупцијата немаат отворено предмет за поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е во притвор и третосомничена во случајот Рекет.
Претседателката на Антикорупциска Биљана Ивановска изјави дека тие не водат случај за Јанева, случајот е во Обвинителството. Поранешната специјална обвинителка пријавила само една промена во анкетниот лист и тоа за купување половно возило. Јанева, но и другите обвинители од СЈО најдоцна за 30 дена по разрешувањето или престанок на мандат треба да поднесат анкетен лист за промена на имотната состојба.
ДКСК се уште работи на случаите Тополки и Рашковски, но за вториот случај, кажа Ивановска ќе биде потребно подолго време.
Но, антикорупциска веќе има сработено за поранешниот претседател Ѓорге Иванов и ќе побара од Службата за општи и заеднички работи на Владата да го раскине договорот за закуп на просториите на Иванов и да му додели канцеларии во државна сопственост.
Претседателката на Комисијата Биљана Ивановска на денешната седница на ДКСК рече дека сегашните простории на поранешниот претседател се избрани во една нетранспарентна постапка и се најмени од блиско лице. Месечно според Ивановска за сите трошоци се плаќаат околу 4.500 евра, без платите на вработените.
Ивановска рече дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие, како што кажа таа, дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат.
Според пресметките на Антикорупциска, за десет години за трошоците на поранешните претседатели се потрошени еден милион деведесет илјади и 580 евра.
Од тие причини ДКСК исто така предлага да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста за Законот и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решени во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели.
ДКСК денеска расправа и за други прашања.