Државната комисија за спречување на корупцијата ќе преземе конкретни мерки согласно нејзните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, доколку премиерот Зоран Заев би бил избран за министер за финансии, се вели во указот од ДКСК до Собранието на Република Македонија.

Во врска со Предлогот за избор на членови на Владата со бр. 08-2072/3 од 23.06.2019 година, доставен до Собранието, со кој, претседателот на Владата е предложен за министер кој ќе раководи со Министерството за финансии, ДКСК укажува дека:

–  Согласно член 72 став 1 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси:

„Службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за неогово одбегнување.“

– Согласно член 44 став 1 и 2 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси:

„Избраното или именуваното лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функција која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“   и

„Функцијата претседател на Републиката, претседател на Владата на Република Македонија, министер, пратеник, член на совет, градоначалник, судија, јавен обвинител, јавен правобранител, народен правобранител и други функции кои ги избира или именува Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија или органите на локалната самоуправа се неспојливи една со друга.“

Имено, во случај кога Претседателот на Владата би се избрал за министер за финансии, ќе настане повреда на горецитираните одредби, при што, Државната комисија ќе биде принудена да преземе конкретни мерки согласно нејзните надлежности утврдени во Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, се вели во соопштението од ДКСК.