Антиохиската православна црква е најновата Помесна црква која официјално ја призна и стапи во заедница со Македонската православна црква-Охридска архиепископија, пренесува порталот Православно христијанство.
Но, признанието се однесува на „Православната црква во Република Северна Македонија“, а не на МПЦ-ОА. Во соопштението издадено од Светиот Антиохиски Синод по седницата одржана во Баламанд, Либан, во текот на изминатата недела, под претседателство на Неговото Блаженство Патријархот Антиохиски и на целиот Исток Јован X, се вели:
„Отците му се заблагодарија на Бога, изразувајќи ја својата радост за враќањето на Православната црква во Република Северна Македонија во евхаристиското заедништво со Вселенската Православна Црква. Тие исто така изразија аспирација што поскоро да се постигне општ православен консензус за името и правниот статус на оваа црква“, се вели во соопштението.
Како што можете да забележите, се признава постоењето на безимена православна црква на територијата на „Република Северна Македонија“, со изразена надеж дека за името на оваа црква и за правниот статус допрва ќе се најде решение.
Според порталот „Православно христијанство“, досега каноничноста на МПЦ е формално признаена од Синодите на Цариградската, Бугарската и Руската патријаршија и Грчката црква. Меѓу нив, Синодот на Руската црква изречно ја призна МПЦ како канонска и автокефална. И Бугарската и Грчката црква го спомнаа, како и Антиохискиот синод, прашањето за името на МПЦ. Грците се противат на името „македонска“, додека бугарската црква го отфрла името „Охридска архиепископија“, бидејќи се сфаќа себеси како современ наследник на историската Охридска архиепископија. Уште повеќе, иако ја признава каноничноста на МПЦ, Грчката црква експлицитно ја отфрла нејзината автокефалност, тврдејќи дека само Цариград може да даде автокефалност. Архиереите и свештенството на МПЦ сослужувале и со архиереи и свештени лица од црквите во Ерусалим, Романија, Украина, Чешка и Словачка и Православната црква во Америка, иако нивните Синоди официјално не се занимавале со ова прашање, заклучува порталот.