Албанската полиција по 12-часовната операција, која наиде на отпор од две лица осомничени за извршување терористички акти, ги уапси истите а во објектот каде се криеле открила и оружје, муниција и знамиња на терористичката организација ИСИС, објави Топ чанел, повикувајќи се на полициско соопштение.

Во акцијата „Орош“ спроведена во селото Орош, кај Мердита во северниот дел на земјата, освен полициските службеници од градот Пук, биле вклучени и припадници на специјалната единица „Ренеа“, како и онаа за брзи интервенции „Шќипоња“.

„По 12 часа опколување, неможност да заминат и преговори со своите роднини, лицата Јулиан Чумраку и Арбен Ука, лица од „висок ризик“ решија да се предадат. Од опколениот објект се слушале извици „Алаху екбер“ а во неколку наврати лицата пукале кон безбедносните сили. Чумраку (24), постои сомневање дека е поврзан со терористички групи. Ука жител на Тирана претходно бил цел на антитерористичките единици. Тој во акцијата е повреден и е пренесен во Регионалната болница во Скадар и е надвор од животна опасност, наведува телевизијата.

Сега уапсените се криеле во напуштена куќа во Орош еден месец, а кога биле забележани веднаш следувала акцијата.

При претресот во објектот, како материјални докази биле запленети автоматски пушки и пиштоли, знамиња на терористичката организација „Исламска држава“ (ИСИС), рачни гранати, борбена муниција, капачиња од електрични детонатори за експлозија на експлозиви, фитил што се користи за експлозија на експлозиви и два патрони.