Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на денешната седница му предложи на Јавното обвинителство да ги преземе сите истражни дејствија, да ги обезбеди сите неопходни докази, да ги утврди сите релевантни факти и да донесе законита и правична јавно- обвинителска одлука во однос на реализација на ДУП „Голем ринг“ јужен дел исток, што опфаќа простор помеѓу улиците Васил Аџиларски, реката Вардар, булеварот Кочо Рацин и улицата Мирче Ацев.
Иницијативата од ДКСК се однесува на градоначалникот на Општина Центар во периодот од 2009-2013 година, на градончалникот на Општина Центар од 2013-2017 година, раководителот на Секторот за урбанизам во општина Центар од 2012 година, раководителот на Секторот за уредување на просторот во Министерството за транспорт и врски во истиот период, помошникот раководител на Секторот за планирање и уредување на просторот на Град Скопје во истиот период, како и на двајцата планери и овластеното правно лице „Билт“ ДОЕЛ Скопје, фирмата што го изработувала планот.
– Иницијативата е затоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП Голем Ринг за Општина Центар за 2012-2017 година тие ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на членови од Законот за просторно и урбанистичко планирање и со тоа прибавиле значителна имтона корист за сопствениците на градежната парцела 1.1. од ДУП во делот „Голем ринг“ – рече претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.
Овој ДУП е донесен 21 декември 2012 година.
ДКСК ќе истражува и за останатите планови кои биле донесени во тој период, односно не биле усогласени со Генералниот план од 2002 година, ниту со тој од 2012 година.