На повидок е нов бонбона бизнис. Ова е огромен скандал. СДСМ на 50-тина дена пред избори го раскрчмува Тиквешко езеро и целиот воден фонд на Црна Река. Власта во заминување без размислување на приватен стопанственик ќе ја даде Црна Река и ќе овозможи милионски профит на свои блиски луѓе од природното богатство на државата – водата, истакна истакна денеска на прес конференција Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Сето тоа не би било толку симптоматично ако како претходница на овој тендер не се донесеше одлука за започнување на постапка за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река, за период од 60 години. Според поранешните истражувања направени на реката Црна добиени се следните заклучоци: реката Црна овозможува рационално искористување на нејзините води за изградба на хидроцентрали поради природната гравитација на земјиштето што овозможува создавање на водни базени, кои може да се користат во еден повеќекратен систем на хидроцентрали. Според истражувањата, од местото Скочивир, па се до ископините на стариот град Стоби, коритото на река Црна може да се подели на четири скалести акумулациони басени, преградени со различен вид на басени. Во горниот тек на реката би се наоѓала ХЕЦ „Чебрен“, во средиштето на реката би биле ХЕЦ „Галиште“ и ХЕЦ „Тиквеш“, а во долниот дел на реката со браната „Макарија“ ќе се наоѓа ХЕЦ „Стоби“. Од овие четири хидроелектрани, само ХЕЦ „Тиквеш“ е изградена и пуштена во погон од 1968 година. Со ова власта прави обид токму овој повеќекратен систем на хидроцентрали да падне во рацете на приватен партнер, потенцира Антовски.
Тој додава дека навистина нешто се случува покажува следното:
Во Одлука објавена во Сл. Весник на РМ бр. 13/20 и 33/20 за започнување на постапка за доделување на концесијата стои дека:
„Концесијата од член 4 на оваа одлука се доделува за период од 60 години од денот на склучување на договорот за концесија за користење на вода за производство на електрична енергија од хидроелектрични централи на Црна Река.
АД ЕЛЕМ ќе ги преземе сите инвестиции за реализација на концесискиот проект, предвидени како обврска на АД ЕЛЕМ со тендерската документација и договорот за Заедничко вложување кој е составен дел од тендерската документација, за што АД ЕЛЕМ ќе донесе соодветна одлука за учество во ЈПП пред усвојувањето на тендерската документација.
Минималниот процент кој треба да биде понуден на АД ЕЛЕМ за учество во заедничката компанија ќе биде 25 отсто од уделите во компанијата.“
Во повикот објавен на Министерството за животна средина и просторно планирање пак е наведено:
„Со проектот се предвидува на најдобриот понудувач да му се додели следното:
Концесија за искористување на водата за производство на електрична енергија;
Ексклузивно право да се проектира, изгради, управува и одржува ХЕЦ „Чебрен“ (со индикативен инсталиран капацитет од 333 MW) и брана „Орлов Камен” (со можност за хидроелектричнацентрала), и
Ексклузивно право да ја управува и одржува ХЕЦ „Тиквеш“ (со инсталиран капацитет од 116MW) три месеци по започнувањето со работа на ХЕЦ „Чебрен“.
-Ова е втор бонбона бизнис на СДСМ. Оваа Влада без ронка срам планира нашето најголемо природно богатство – водата да го раскрчми со тоа што државната компанија ЕЛЕМ нема да биде мнозински партнер во новоформираната заедничка компанија. Зарем концесијата за производство на електрична енергија од Црна Река без срам и грижа за природните богатства на Македонија може да се даде за период од 60 години? Со ова се отвора можност концесијата на Црна Река во целост да потпадне кај приватен партнер близок до СДСМ. ХЕЦ „Тиквеш“ е хидроцентрала градена од македонските граѓани, со повеќе жртви дадени во текот на нејзината изградба во далечната 1968 година. Истата е со снага од 116 MW, во добра кондиција и понова опрема, која во целост и припаѓа на државната компанија за производство АД ЕЛЕМ. ВМРО-ДПМНЕ нема да остане рамнодушна на ваквите злодела на заедничкиот имот на сите граѓани на земјата. Веднаш по доаѓањето на власт ветуваме дека одговорно ќе пристапиме кон сите вакви штетни договори и ќе ги ревидираме истите. Поради тоа апелираме, на тендерот за претквалификации за ХЕЦ „Чебрен“, сите заинтересирани инвеститори да се воздржат од аплицирање на вакви криминални тендери, вели Антовски.