Со вакви политики ќе бидеме народ без држава, ќе не сведат како Курдите, црно ни се пишува, рече пратеникот Димитар Апасиев, кој вечерва беше гостин во „Само вистина“ на ТВ Канал 5.
Лидерот на партијата Левица изјави дека тоа што нема одговор од македонска страна на најавите за вето од Бугарија е лошо бидејќи „Бугарите се осоколени од успехот на Грција“.
Апасиев рече оти е убеден дека Бугарија нема да попушти, а ние имаме сервилна дипломатија.
– Јас очекувам вето, искрено, ако не сега ќе следи вето понатаму, до исполнување на нивните експанзионистички барања, рече Апасиев.
За разлика од другите народи, додаде Апасиев, ние сега немаме црвени линии, а дека сме имале претходно, но нив ги напушти премиерот Зоран Заев и СДСМ.
Апасиев рече дека „Софија инсистира да не бугаризира“, а тие што преговараат ги нарече „среброљубци кои за 1.000 евра ја продадоа државата“.