Апчето за смирување на народот кое беше употребувано при промената на уставното име на Македонија во времето на Зоран Заев, сега од неговиот наследник Димитар Ковачевски, неговите функционери и поддржувачи, секојдневно му се нуди на народот за главоболките од францускиот предлог и бугаризацијата на Македонија за влез во ЕУ.

Различни се само пакувањата, а целта е иста: Претходно Заевиот аналгетик беше „бетонизација на македонскиот идентитет“, а актуелниот на Ковачевски „го заштитивме македонскиот јазик“. Народот ги голта анестетиците од власта, и тие од Заев и овие од Ковачевски, главоболката стивнува и продолжува животот со наводниот бетонизиран идентитет и наводната заштита на македонскиот јазик…

Ставот на Владата во однос на македонскиот јазик е конзистентен, а тоа е дека за него, како и за идентитетот и културата не преговараме, што значи дека нашиот јазик е заштитен во ЕУ, порача вчера од Охрид министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Поддршка за посебноста на македонскиот јазик и почит кон него изрази и српскиот министер за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ, додека бугарските членови на Клубот за бугарско-македонско пријателство изразија несогласување со ставот Министерството за надворешни работи на Бугарија за нашиот јазик, нагласувајќи дека иако Софија продолжува да не го признава македонскиот јазик, по приемот на земјава во Унијата тој ќе стане еден од официјалните јазици на ЕУ.

Костадиновска Стојчевска вчера во изјава при отворањето на Конзулатот на Србија во Охрид, посочи дека не сака да коментирам ставови на други држави, посочувајќи дека во вторникот за време на Првата меѓувладина конференција во Брисел и на првиот дел од скрининг процесот и таа и сите наши претставници зборуваа на македонски јазик.

– Нашиот став е конзистентен, ист и тоа е дека за јазикот не преговараме, дека нашиот јазик е чист. Во преговарачката рамка нема фусноти, нема никакви додавки. Македонскиот јазик е македонски јазик којшто е кодифициран во 1945 година, нагласи Костадиновска Стојчевска.

На истиот настан, српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ истакна дека со отворањето на својот Конзулат во Охрид, Србија покажуваме почит кон македонскиот јазик и култура и кон братскиот македонски народ.

– Нема култура без јазик. Минатата година Македонија ја одбележа 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески. Во знак на почитување кон тој голем јубилеј кој е значаен за братскиот македонски народ, во знак на почит кон моите пријатели – домаќини од Република Северна Македонија, охриѓанките и охриѓаните, јас се обратив на македонски јазик и знам колку е тоа убаво кога некој ќе ви дојде на гости од друга земја и на тој начин покаже почит, рече Селаковиќ.

Според него, со таквиот гест тој покажува дека не само што ги почитува домаќините, туку и македонскиот јазик и македонската култура, која тој јазик ја изнедри.

– Во таа смисла и како Република Србија и како Србин кој има многу пријатели, кумови, соработници кои се по потекло од Македонија, кои се Македонци, јас сум горд на тоа наше пријателство. Всушност, ценејќи ја и уважувајќи ја културата дојдов овде не само да го отворам нашиот Конзулат, туку и да покажам почит спрема своите домаќини, рече Селаковиќ.

Во однос на унилатералната изјава на Бугарија за македонскиот јазик, министерката Костадиновска Стојчевска истакна дека тоа е нешто што треба да го објасни Софија.

– Во текот на целиот процес дури да пристигнеме до моментот на отворање на преговори никој не преговараше за македонскиот јазик, идентитет и култура, рече Костадиновска Стојчевска.

Според неа, несфатливо е како некој сака да го убеди нашиот народ дека Владата не го признава македонскиот јазик.

– Па ние на македонски зборуваме, на македонски зборувавме и по седницата каде што мнозинството граѓани, мнозинството пратеници, дадоа поддршка на преговарачката рамка и ден денес зборуваме македонски, тоа никој никаде нам не ни го оспорува, додаде Костадиновска Стојчевска.

Околу бугарската унилатерална изјава, вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во петочното издание на емисијата „Трилинг“ на ТВ24 истакна дека таа нема никаква важност за целокупното користење на македонскиот јазик во Европската Унија, ниту пак за ставот на другите држави членки.

– Тоа значи само дека Софија изразува свој став како што има изразено и во Обединетите Нации кога ни беше впишан македонскиот јазик. Ние го изразивме нашиот став и тоа прашање не очекуваме да се споменува понатаму. Очекуваме во наредните денови да го потпишеме договорот за ФРОНТЕКС со македонски јазик, каде што и Бугарија ќе го потпише како една од државите членки и сметаме дека за нас ова прашање е затворено, рече Маричиќ, потенцирајќи дека не очекува ова прашање понатаму да се отвора.

Во врска со изјавата на бугарското Министерство за надворешни работи за македонскиот јазик вчера во посебна позиција се огласија и бугарските членови на Клубот за бугарско-македонско пријателство, оценувајќи дека тој документ непотребно го усложнува и го попречува процесот на зближување меѓу Бугарија и Северна Македонија и им служи на интересите на субјектите од двете страни на границата, кои конфликтот го претворија во поле за собирање поени.

– Македонскиот литературен јазик, формиран на дијалекти кои од историски и политички причини останале надвор од процесите на создавањето на бугарскиот литературен јазик, постои најмалку 70 години и има своја сложена судбина. Одамна не е дијалект на бугарскиот, бидејќи за разлика од кој било дијалект, тој во целост им служи на сите сфери на јавниот живот, официјално се користи во училиштата, болниците, административните канцеларии, војската и полицијата, во науката и уметноста. На него е создадена книжевна традиција, која има свои значајни достигнувања, посочуваат од Клубот.

Во нивниот став се нагласува дека македонскиот јазик и литература се изучуваат на голем број од најпрестижните универзитети во светот, од кои корист имаат не само граѓаните на Северна Македонија, туку и влијателната македонска дијаспора. Но, најважно, според бугарскиот дел од Клубот, е дека македонскиот јазик е мајчин јазик, веќе за генерации Македонци. За луѓето родени и израснати со него, тој е исто толку интимен, близок и свет како што е бугарскиот јазик за Бугарите.

– Тоа не може да им се одземе без нивниот идентитет да биде неправедно и навредливо погоден, сметаат од бугарскиот дел од Клубот.

Затоа, бугарскиот дел од Клубот за бугарско-македонско пријателство во Бугарија ја смета за непотребна и контрапродуктивна декларацијата на бугарското Министерство за надворешни работи, со која македонскиот јазик „не се признава“.

– Ниту една литературна и јазична норма со која се идентификуваат илјадници, ако не и милиони луѓе, нема потреба од посебна дозвола за нејзиното постоење, сметаат бугарските претставници во Клубот за бугарско-македонско пријателство, посочувајќи дека ваквите јавни гестови ја оддалечуваат позицијата на бугарското Министерство за надворешни работи, но и на Бугарија од вредностите на демократијата и меѓусебното почитување.

Според нив, бугарската Унилатерална изјава е неразбирлива за другите членки на ЕУ и води само кон континуирана збунетост и кон изолација на Бугарија во Унијата и на ниту еден начин не придонесува за интеграција на Западниот Балкан.

– Меѓународни договори се потпишани на македонски јазик, а другите 26 членки на ЕУ имплицитно признаваат дека по евентуалниот прием на Северна Македонија во ЕУ, овој јазик автоматски ќе стане еден од официјалните јазици на Унијата, се наведува и во документот на Клубот на бугарско-македонско пријателство.