Повеќето лидери на азиско-пацифичкиот регион ја осудија војната во Украина во последната декларација од самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), објавена денеска.

По ден и пол разговори во Бангкок, лидерите на членките на АПЕК, 21 од нив се согласија на заедничка декларација во која се критикуваат конфликтот и светските економски нарушувања предизвикани од руската инвазија врз Украина.

– Повеќето членки најостро ја осудија војната во Украина и истакнаа дека таа предизвикува огромно човечко страдање и ги зајакнува постојните слабости на светската економија, се наведува во декларацијата.

Декларацијата беше одобрена од сите членки на АПЕК, вклучително и Русија и Кина – кои се воздржаа од отворено критикување на Москва поради инвазијата.

– Имаше и други мислења и оценки за ситуацијата и санкциите, се вели во декларацијата, повторувајќи ги дословно зборовите од декларацијата објавени по самитот Г20 на водечките светски економии што се одржа претходно оваа недела на Бали.

Во декларацијата на АПЕК се жали за влијанието на украинскиот конфликт врз економскиот раст, инфлацијата, синџирите на снабдување и безбедноста на енергијата и храната.