Владата на премиерот Димитар Ковачевски апелира до пратениците да не го блокираат законот со кој се овозможува намалување на цената на производите за менструална хигиена.

– Ако собраниската Комисија за финансирање и буџет го блокира законот со кој треба да се намали цената на хигиенските влошки, донесена ќе биде времена мерка, се вели во соопштението од Владата.

Од таму велат дека законското решение е во Собрание и ги повика пратениците да го усвојат.

– Тоа ќе се направи со закон, директно. Министерството за економија е подготвено, ако случајно има недоразбирање во Собранието и се блокира законското решение во Комисијата за финансирање и буџет, да донесе времена мерка, но, сепак, сакаме трајно решение, вели министерот за економија, Крешник Бектеши.

Кон крајот на минатата година Ковачевски најави намалување на даночното оптоварување на производите за менструална хигиена, како дел од мерките за даночни реформи и праведност на даночниот систем во земјава.

Ковачевски потенцираше дека со планираните измени ќе има намалување на ДДВ-то на производи за менструална хигиена од 18 на 5 отсто.