Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева останува во привор во КПУ Затвор Скопје, иако е завршена истрагата за случајот „Рекет“ во кој таа е третосомничена, одлучи Апелацискиот суд.
Од Апелација за МИА информираа дека е одлучено да се укине втората точка од решението за притвор – влијание врз истрагата, по добиеното известување од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција дека истрагата е завршена. Сепак, судиите оцениле дека се уште постои ризик за бегство и ја одби жалбата поднесена од адвокатите на Јанева.
Одбраната бараше да и биде изречена поблага мерка бидејќи, според нив, веќе не постојат основите по кои и беше изречен притвор, а како гаранција беше понуден движен и недвижен имот.
Апелација одлучуваше по жалбата откако претходно беше одбиена од Кривичниот суд.
Катица Јанева е во притвор од 21 август. Покрај неа, во „Рекет“ е осомничен и Бојан Јовановски – Боки 13 кој исто така е во притвор, како и Зоран Милески Кичеец, кој е во домашен притвор.