Подготвил: Дарко ЈАНЕВСКИ

„Апокалипсата според Петар“ е дел од книгата од 66 страници која археолозите ја откриле во Египет во 19 век и во која се наоѓа и „Евангелието според Петар“.

На некои начини „Апокалипсата според Петар“ е поинтересна од „Евангелието според Петар“. „Апокалипсата според Петар“ е првиот примерок што го имаме во кој е опишано дека на некој му е овозможено да прошета низ рајот и пеколот. Сигурно ви е ова познато од прошетката низ рајот и пеколот од Божествената комедија на Данте. Е, па, Данте не ја измислил идејата за прошетка низ рајот и пеколот, туку тоа е стар мотив кој што се навраќа во христијанството и најраниот примерок што го имаме е во „Апокалипсата според Петар“.

Во „Апокалипсата според Петар“, самиот Петар ја опишува прошетката. Исус му го овозможува ова на Петар за да му ги покаже царствата на благословените и царствата на проклетите. Интересното нешто за ова е што описот на царствата на благословените во рајот не се толку многу интересни и причината е дека нема многу начини да опишеш вечно блаженство. Луѓето во рајот се среќни, благословени итн…, описот не е толку интересен, но ако имаш креативна имагинација и сакаш го објасниш малтретирањето на проклетите и описите на царствата на проклетите, тогаш тоа е многу поинтересно.

Така, во пеколот, многу луѓе се казнувани според нивниот карактеристичен грев, значи каков што им бил карактеристичниот грев додека биле живи, така се казнувани после смртта и Петар гледа место каде што тие што лажеле се казнувани така што се обесени за нивните јазици над бескрајни огнови, бидејќи лажеле против Господ. Жените кои што си ја плетеле косата за да се направат попривлечни за да заведат мажи, се обесени за нивната коса над бескрајни огнови, а мажите кои биле заведени од тие жени биле обесени за друг дел од телото над бескрајни огнови.

Прошетка низ рајот и пеколот: Апокалипса по Петар

Пораката е јасна, ако сакаш да уживаш во благословот на рајот и сакаш да го избегнеш малтретирањето на пеколот, тогаш немој да грешиш. Лекцијата е едноставна.

Тоа што е интересно е што „Апокалиспата по Петар“ е книга, односно дел од книга за која се тврди дека е напишана од Симон Петар, десната рака на Исус, главниот ученик, но со сигурност не била напишана од него, не била напишана се до вториот век, 60-70 години откако Петар умрел. Така што таа е напишана од некој кој тврди дека е Петар, но не е.

„Апокалипсата според Петар“ и „Евангелието по Петар“ не се единствените книги што ги имаме од раното христијанство во кои се тврди дека се напишани од Петар. Имаме писма наводно напишани од Петар, имаме уште три апокалипси кои се тврди дека се напишани од Петар. Пишувањето книги во име на Петар било многу популарно во раното христијанство. Има две посланија во Новиот завет за кои се тврди дека се напишани од Петар, но ни тие не се напишани од него.

Всушност станува збор за феномен што бил широко распространет во античко време. Тоа се случува и денес, но денес имаме многу технологии со кои тоа лесно се открива. За античкото време знаеме бидејќи луѓето зборувале за тоа. И во секој случај кога зборувале за пишување со лажно име, тие тоа го осудувале.

Дали тоа значи и дека во Новиот завет има книги, посланија кои не се напишани од апостолите? Научниците се согласни дека има, но не го нарекуваат тоа со зборот „фалсификат“ туку го употребуваат зборот „псеудографија“, што значи исто, но кога ќе чуете „псеудографија“ не ви звучи таа страшно како „фалсификат“ или лажно пишување. Не звучи така лошо. Но, кој и да го напишал „Второто соборно послание на апостол Петар“ од Новиот завет, тој не е Петар. Постои дебата меѓу научниците за тоа кој го напишал „Првото соборно послание на апостол Петар“, но можно е тоа да не е дело на Петар.

Причината е многу едноставна: Петар не знаел да пишува. Тој не знаел грчки. Тој бил сиромашен неписмен рибар. Всушност, многу студии покажуваат дека не повеќе од 10 отсто луѓе во Римската империја во тоа време биле писмени, а во Палестина само три отсто од нив знаеле да читаат и пишуваат. Петар не бил еден од нив. Тоа биле луѓе кои и припаѓале на високата класа и живееле в градовите во кои имало училшта. Згора на тоа, Петар зборувал арамејски, а ови посланија се напишани во висок стил на грчки јазик. Всушност, Делата апостолски, глава 4 стих 13, велат дека Петар би неписмен, па отпаѓа опцијата дека по воскрснувањето на Исус тој се запишал во некое училиште и научил старогрчки на висок стил.

Некои мислат дека некој друг, по раскажувања на Петар, ги напишал посланијата, но такви примери нема. Но затоа има многу примери кога други пишувале, а го потпишувале напишаното под туѓо име. Зошто? За да се чита книгата. Тоа биле луѓе без репутација, но ако потпишат дека книгата ја напишал Петар, тогаш таа автоматски ќе биде прочуена и ќе се чита.

Двете посланија во Новиот завет не се негови: Апостол Петар, како што е насликан од Рубенс

(Од предавањето на Барт Ерман во 2015 година на Кембриџ)

Д-р Барт Ерман, професор по религиски студии на Универзитетот во Северна Каролина. Автор на десетици книги за Новиот завет и раното христијанство, автор и уредник на бројни книги, од кои некои се на листата на првите пет бестселери на Њујорк Тајмс (на пример, „Исус тоа не го кажа“ – научна студија трансферирана во приказна за тоа кој ја менувал Библијата и како) и еден од најпризнатите научници кога станува збор за Новиот завет, неодамна поканет од грчката Влада (и платен за тоа) да држи предавања на оваа тема, со посебен нагласок на историскиот Исус, христијанските апокрифи итн. Себеси се претставува како човек кој го минал патот од „христијански фундаменталист“ до скептик кој не верува во Бог од Библијата.