Договорот од Преспа е уникатен пример за решавање на долг спор на Балканот со мирни средства и претставува пресвртница за мир и стабилност, вели министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис.
Тој говореше на осмата годишна конференција на „EU and Foreign Policy Defence Forum 2019“ во Вашингтон посветена на трансатлантската соработка во областа на одбраната и безбедноста, на постигнатиот напредок на ЕУ во одбраната, на справувањето со модерните закани и безбедносни предизвици, но и на односите ЕУ-НАТО и одбранбената соработка ЕУ – САД, а меѓу другото се задржа и на регионот, споменувајќи го и Договорот од Преспа, јави МИА од Атина.
– Сметам дека Договорот од Преспа е пресвртница за мир и стабилност. Претставува уникатен пример за решавање, со мирни средства, на долг спор на Балканот. Грција отсекогаш ја поддржуваше интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантските организации. Грција исто така ја поддржува трансформацијата на армијата на С. Македонија, за да стане достоен сојузник и кредибилен сосед. Во оваа насока, минатиот месец потпишавме билатерален договор за одбранбена соработка, додека пред две седмици почнавме пробни летови за надгледување на воздушниот простор на С. Македонија, рече Апостолакис.
Грчкиот министер за одбрана истакна дека Грција, „како историски бастион на демократијата и столб на стабилноста“, игра важна улога во геополитиката на регионот и континуирано промовира соработки за да се зајакнат мирот и просперитетот во регионот.
Апостолакис, во рамките на посетата на САД се сретна и со американскиот заменик државен секретар, Џон Саливан со кој разговарале за безбедноста и одбранбените односи Грција-САД, а грчкиот министер ги истакнал иницијативите на Грција за соработка со земјите од Блискиот исток, од Балканот и Северна Африка.