Поранешниот директор на Полициската управа на Црна Гора, Веселин Вељовиќ, уапсен е изутринава во акција на Специјалното полициско одделение по налог на Специјалното државно обвинителство, јавуваат подгоричките медиуми.
Обвинителот и портпарол на Специјалното државно обвинителство, Вукас Радоњиќ, изјави за новинарите дека „специјалното одделение на полицијата, по налог на судот и на барање на Специјалното државно обвинителство, а во соработка со Европол, врши претрес на станови и други простории на неколку лица во Подгорица, Никшиќ, Жабљак и Мојковац“.
Тој додаде дека постои основа на сомнение дека сторените кривични дела се создавање на криминална организација, злоупотреба на службената положба и криумчарење.
Радоњиќ, сепак, не соопшти кој друг бил уапсен во утринската акција на полицијата.
Според подгорички „Вијести“, во полициската акција има уште уапсени.
Вељовиќ беше директор на полицијата од 2007 до 2011 година и од јули 2018 до декември 2020 година.
Работел како советник на поранешниот претседател на Црна Гора Филип Вујановиќ и бил секретар на Советот за национална безбедност. Од промената на власта на изборите во 2020 година и заминувањето на Демократската партија на социјалистите (ДПС) во опозиција, Вељовиќ беше советник на тогашниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. На таа функција остана до мај годинава.АП