Статус на доверлива информација е тоа кои петмина лекари учествувале во стручниот надзор на Лекарската комора, кој беше извршен во општата болница во Струга, откако во медиумите одекна информацијата дека медицинската сестра од Струга Јалдз Веапоска излегла од породување без три органи, матка, бубрег и јајник.
Како што објави Слободен печат, ниту Лекарската комора ниту Министерството за здравство не ги кажуваат имињата на петмината експерти што не нашле медицински пропуст при ова породување. Министерството за здравство тврди дека не знае кои биле лекарите.
Докторот Мухамед Асани е член на Извршниот одбор на Лекарската комора која формираше комисија да му ја испитува работата. Од Министерството за здравство за „Слободен печат“ велат дека објавувањето на извештајот во целост ќе ја наруши приватноста на пациентката Јалдз Веапоска.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека извештајот не е класифициран, ама него го нема ниту еден медиум, ниту адвокатот на семејството.