Неопходните ЕУ-реформи во областа на владеењето на правото, но и уставните измени беа во фокусот на Националната конвенција за Европската унија. Главната порака на учесниците беше дека и за реформите и за Уставот потребно е да се изнајде консензус, со цел што поскоро членство во Унијата.
Advertisements

„Реформите во сферата на правната држава треба секогаш да бидат резултат на широк политички, но и не помалку важно, на експертски и општествен консензус. Законите во оваа сфера треба да бидат поддржани од сите значајни политички фактори“, рече претседателот Стево Пендаровски.

„Субјектите од целиот политички спектар треба да се сплотат за националниот интерес и да се фокусираат на испорачување на ЕУ-реформите. Секако, ова не значи дека опозицијата треба да запре со работа, нејзината улога е да преиспитува, да поставува прашања, но и да нуди решенија“, рече Дејвид Гир – евроамбасадор.

Пратеникот Арбер Адеми кој е претседател на собраниската Комисија за европски прашања, порача дека консензусот е неопходен кога станува збор за стратешката определба на државава, во контекс на очекуваните уставни измени. Но, неговиот колега од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски истакна дека власта порано требала да мисли на градењето консензус.

„Република Северна Македонија нема да има никаква штета ако го исполниме овој услов и ако во Уставот на земјата ги внесеме и другите етнички заедници, вклучувајќи ја и бугарска заедница. Ова треба да го направиме што е можно побрзо, ако навистина сакаме да го следиме европскиот пат“, рече Арбер Адеми – претседател на Комисија за европски прашања.

„Она што најмногу ми пречи е обојувањето црно-бело, односно користење на процесот на европски интеграции за внатре-партиска политика, па можеме често да слушнеме дека едни се про-ЕУ, други се анти-ЕУ, едни се прозападни, други се анти-западни… што мислам дека е злоупотреба на целиот овој процес“, рече Александар Николовски – претседател на Национален совет за евроинтеграција.

Заменикот-амбасадор на САД во земјава, Ерик Мејер кажа дека Вашингтон го поддржува пристапниот процес кон ЕУ, но оти е потребна дополнителна посветеност кон реформите од страна на сите субјекти