Дојава за бомба немало само во ОУ Петар поп Арсов туку и во ОУ Кочо Рацин. Претходно и од Општина Карпош објавија дека дојава имало и во нивно основно училиште. Исто така, денеска пораки дека има поставено бомби стигнаа и во осум средни школи во Скопје

Дојавата за бомба во основното училиште „Кочо Рацин“ на Водно, потврдија од Општина Центар, а по проверките градоначалникот Горан Герасимовски преку соопштение информираше дека станува збор за лажна дојава.

„Откако на мејл адреса на основното училиштето е упатена закана за поставена експлозивна направа, веднаш е пријавено во Министерството за внатрешни работи по што полициски службеници веднаш го евакуираа училиштето. Преземени се сите мерки и антитерористички проверки, при што утврдено е дека станува збор за лажна пријава“,
соопштија од Општина Центар.

Денеска, првичната информација од МВР беше дека пристигнала дојава за бомби во осум средни училишта, а потоа од Министерството потврдија дека имало дојава и за едно основно училиште.