Ќе бидам многу јасен. Сметам дека блокирањето на процесот за почеток на пристапни преговори на С. Македонија е неправедна разврска, вели професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник во грчката Фондација за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“, Јанис Армаколас.
Во разговор со дописничката на МИА од Атина, професорот Армаколас ги анализира последните случувања на релација Скопје-Софија, но и коментира дека не е доцна Грција да направи нешто за да помогне во надминувањето на разликите и откочување на европската перспектива на нашата земја.
Тој објаснува дека нашата земја направи тешки компромиси со соседите, „има докажана реформаторска, прогресивна и проевропска Влада, која направи голем напредок во внатрешните реформи и е подготвена, не само за разговори со ЕУ, туку во некои области е далеку понапред, дури и од земјите што преговараат со години со Унијата“ и додава дека требаше веќе пред неколку години да започне преговори.
– Приговорите и барањата на Бугарија може да се разберат, бидејќи се однесуваат на идентитетски прашања што допираат до јадрото на односите меѓу соседните земји на Балканот. Но, она што не може да се разбере е дека Софија го блокира почетокот на преговорите на С. Македонија, а можеше да дозволи почеток, па подоцна, на кооперативен, а не на конкурентен начин, да се стреми кон согласување и договор со С. Македонија, објаснува професорот.
Армаколас истакнува дека токму ова е суштината на преговорите, да им се даде време, но и алатки на државите за европеизацијата, како на внатрешната политика, така и на билатералните разлики.
– Сметам дека е особено опасен патот на кој се поставува толкување и одново толкување на поновата историја како де факто условеност од ЕУ или од нејзини држави членки кон земјите кандидати за членство. Таквата пракса може да ја отвори Пандорината кутија и да ја поткопа иднината на европската перспектива на останатите балкански земји. Ако дозволиме, па дури и индиректно, оваа перспектива да преовладее во регионот, што до неодамна беше во вителот на војните, а дури и денес постојат низа разлики што произлегуваат од војните, можеме да бидеме доведени до целосен неуспех и прекин на интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ, вели Армаколас и додава дека ваквото сценарио би имало поразителни последици пред сѐ за земјите членки од регионот, како што се Грција, Бугарија, Хрватска итн.
Грција можеше да најде начин да посредува во спорот меѓу С. Македонија и Бугарија, но и сега не е доцна
Ставот на официјална Атина е дека нема промена на позицијата и останува силен поддржувач на европската перспектива на сите земји од Западен Балкан, вклучително и Македонија.
Оттука, се поставува и прашањето, дали Грција, како што беше случај по француското вето, би можела и би требало да преземе конкретни иницијативи за да се откочи патот на Скопје кон Брисел.
Професорот Армаколас, во разговор за МИА вели дека Атина можеше да најде начин да посредува, но истакнува дека и сега не е доцна да го стори тоа.
Тој коментира дека за жал, грчката дипломатија веројатно „толку многу им се посвети на напорите за справување со заканата од Турција, што не е во можност да преземе активности дури и за најочигледните прашања од национален интерес, секако освен турското прашање“.
Армаколас додава дека интеграцијата на целиот Балкан во Унијата е „прашање од витален национален интерес за Грција“, но се чини дека Атина не ја сфаќа важноста и остава политиката на проширување да ја создаваат „земји кои имаат двосмислен став и веројатно не сакаат целосна интеграција“.
– Грција можеше да најде начини за посредување во спорот меѓу двете соседни земји Бугарија и Северна Македонија, кои се пријатели и сојузници. Има дипломатско искуство, најспособни дипломати и политичка и геополитичка моќ во регионот за да го стори тоа. И, сигурно, САД и многу земји од ЕУ би поздравиле едно такво дипломатско активирање на Атина. Но, ова досега не се случи, вели професорот.
Паралелно, според него, Атина не им стави јасно до знаење на партнерите и сојузниците дека Договорот од Преспа, односно „новиот стратешки однос со Северна Македонија“ и стабилноста и напредокот на земјата, се стратешки избор и интерес што е од витално значење.
– Ако го имаше сторено тоа, можеби ќе беше потешко, толку лесно да се постават пречки на патот на Северна Македонија. Но, не е доцна Грција да направи нешто суштинско. Мислам дека Атина, дури и сега може да го појасни нејзиниот избор за соработка и стабилност и да покаже дека нема разбирање за активностите што ја поткопуваат, директно или индиректно. Последиците од ваквата активација на Атина ќе бидат позитивни за стабилноста и европската перспектива на регионот, истакнува Армаколас.
Официјална Атина, засега, нема заземено став за разликите меѓу Скопје и Софија, а единствените пораки што доаѓаат од грчката Влада се дека Грција и понатаму продолжува да ја поддржува европската перспектива на земјите од регионот.
Сања Ристовска