Сериозен проблем ќе биде ако претставници на приватниот сектор не бидат консултирани при носењето на подзаконската регулатива за јавните набавки што се очекува до крајот на септември годинава, смета претседателот на Сојузот на топански комори (ССК), Данела Арсовска.
Во писмена изјава до медиумите, Арсовска потенцира дека се уште постојат слабостите што бизнис заедницата ги детектира како потенцијална опасност за нетранспарентна постапка и коруптивни зделки при спроведувањето на јавните набавки.
Според неа, за компаниите е неприфатлива делумно применлива регулатива со големи можности за злоупотреба. Неопходно е во соработка со стопанството прецизно да се одреди начинот на реализација на изборот на најповолна понуда. Квалитетот, пак, кој треба да биде основен критериум за јавните набавки, моментно е еден од најголемите предизвици во постапките.
Потребно е, потсетува Арсовска, да биде воспоставен систем на контрола што ќе овозможува поголема транспарентност не само на изборот на најповолна понуда, туку и врз реализацијата на договорите, дали тие се исполнуваат согласно тендерската документација и понудата, како и дали институциите навремено и согласно договорите ги подмируваат финансиските обврски. Единствено така ќе добиеме квалитетнo решениe кое ќе биде применливо во пракса со минимална можност за корупција и злоупотреби, ќе обезбеди лојална конкуренција на пазарот и еднаков третман за сите.
– Можностите за корупција поради вклученост на големи финансиски средства и директен контакт меѓу јавниот и приватен сектор се големи, а потребно е да се вложат сите напори тоа да се елиминира. Слабостите кои деловната заедница ги детектираше и кои се потенцијална опасност за нетранспарентна постапка со цел склучување коруптивни зделки при јавните набавки се уште постојат, бидејќи не беа интегрирани клучните барања на приватниот сектор во Законот за јавни набавки кој сега во својата нова форма повторно има значителни недостатоци, вели претседателката на ССК.
Уште пред носењето на законското решение се детектираа и посочија голем број слабости, особено за тоа на кој начин ќе се применува новиот модел, напоменува Арсовска и додава дека е направен сериозен пропуст зашто не се вклучени забелешките на деловната заедница во неговото изготвување.
-Се поставува прашањето кој ќе учествува во јавните набавки ако не компаниите, чии искуства институциите кои ги изготвуваат актите не ги вклучуваат за да се отстранат досегашните недостатоци, туку си ги кројат актите по своја мерка. До крајот на септември годинава, предвидено е да се донесат 18 подзаконски акти со кои ќе се допрецизираат низа битни прашања утврдени во законот, како на пример набавка од мала вредност, електронски пазар и каталог и слично. Според последните информации, надлежните институции веќе имаат донесено одредени подзаконски акти, а дел се во подготовка, укажува Арсовска.
Позитивна промена од старото законско решение, нагласува, е што во новиот Закон за јавни набавки од 1 април годинава се напушти концептот на најниска цена со прифаќање „економски најповолна понуда“.
-На почетокот на април, на последната од редовните консултативни средби на Сојузот со делегација на Европската комисија, а во присуство на компании од повеќе сектори на тема јавни набавки, беше детектирано што ќе произлезе како недостаток во пракса предизвикано од непрецизирање на регулативата. Eдно од барањата на деловната заедница беше, за спроведување на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти за најважните индустрии поединечно, бидејќи има големи разлики во критериумите кои можат да се истакнат пример за јавна набавка во градежништвото или во трговијата како гранки кои имаат различни специфики. Беше истакната потребата од донесување правилници со упатства кои ќе укажуваат на специфични критериуми за секоја индустрија поединечно, за прецизирање и точно утврдување по кои услови ќе се избере економски најповолна понуда со што ќе се минимизираат можностите за слободно толкување и за злоупотреба, информира Арсовска.