Обвинувања за криминал, затајување на приходи, матни игри и нечесно трошење на буџетот на граѓаните. Сето тоа на говорницата го изнесе градоначалничката на Град Скопје, Арсовска и ги повика институциите да проверат што и како правеле приватните автобуски превозници. Според градските власти, на крајот на 2017 година последен пат бил пријавен наплатен билет од страна на приватниците.

„Каде завршувале овие пари кои „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ требало секој месец да ги пријавуваат во ЈСП-Скопје и до УЈП, од продажбата на карти, доколку за пет години не пријавиле ниту еден продаден билет?! Да затаите приходи коишто се движат во висина од околу 200 до 300 илјади евра секој месец, да не ги прикажете никаде и тоа да се одвива пет години – мора да признаеме дека тоа се милиони и милиони евра пари на граѓаните коишто некој си ги ставил во џебот“, изјави Данела Арсовска, градоначалничка на Град Скопје

Директорот на „Слобода превоз“ вели дека е зачуден на ваквата изјава на Арсовска и лагите што таа ги пласира во јавноста, а некој ѝ ги кажува и многу погрешно ја информира.

„Ние не продаваме билети. Кои пари да ги пријавиме кога немаме продажба ниту во автобусите, ниту имаме билетари. Не знам како сме ги продавале билетите, јас ли сум одел низ град и сум продавал карти за јавен превоз. Еве еден граѓанин нека се јави што купил билет во приватен автобус Само болен во мозокот може да смисли ваква лага. Ни беше понудено, но ние не прифативме да продаваме билети бидејќи не добивме фискални апарати од ЈСП. Ни беше речено кога ќе ги земеме билети да ги платиме за што ќе ни издадат фискална сметка и после да ги препродаваме. Но, ние тоа не го прифативме бидејќи сметав дека тоа не е според закон односно ние како крајни продавачи мора да издаваме фискални сметки“, вели Јовановски.