Независната кандидатка за градоначалник на Скопје поддржана од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска вечерва во Чаир истакна дека до Антикорупциската комисија ќе депонира лична изјава со која ќе истакне дека нема да го зголеми својот имот во наредните четири години, а ги повика сите кандидатите за градоначалници да го направат истото.
– До Антикорупциската комисија ќе депонирам лична изјава со која ќе истакнам дека нема да го зголемам својот имот во наредните четири години и истото го барам од сите оние кои се кандидираат во овој момент за градоначалници, пред се мислам на досегашниот градоначалник кој зад себе има десетици обвинувања и скандали, повелете поднесете ја изјавата, па да видиме, истакна Арсовска.
Таа изјави дека на скопјани им е смачено од нереализирани ветувања и луѓе кои немаат да понудат ништо друго освен лични напади.
– Денес Скопје е град на урбанистички хаос, а Старата скопска чаршија која има потенцијал да биде најпосетуваното место, во моментов има бројни проблеми, во Скопје има места во кои се уште нема чиста вода за пиење, нема канализација, нема асфалтирани улици, а нашата метропола тоне во ѓубре и нечистотија изминативе четири години, дури и паркот во кој сме е во навистина лоша состојба, а јас не можам да прифатам дека овие луѓе кои до сега го водеа градот се најдоброто решение за скопјани, посочи Арсовска.
Таа најави врвен фокус ќе биде проширување и реконструкција на една од главните артерии на градот – булеварот „Цветан Димов“, а еден од приоритетните проекти од нејзината програма за Чаир и Скопје е Старата чаршија која мора да стане култно место за градот, велејќи дека со тоа ќе го врати соживотот во Скопје.
– Ние мораме да ги вратиме луѓето во чаршијата. Да стане култно место. Од исклучителна важност е да ја заживееме чаршијата и занаетите, да ја зголемиме нејзината туристичко-економска понуда и да ја направиме уште еднаш свртувалиште на сите скопјани. Градот ќе посвети дополителна грижа, во рамки на своите надлежности, на зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Ќе работиме и на целосно соодветно осветлување на чаршијата, поддршка и промоција на старите занаети, олеснување на пристапот до чаршијата и нејзина популаризација. Ќе дадеме и поддршка за организирање на голем број културни настани на просторот на Старата чаршија. Тука повторно ќе го оживееме соживотот во Скопје, порача Арсовска.