Ако ги гледате настапите на некои од противкандидатите и нивните реклами, на момент ќе помислите дека Скопје е Виена или можеби некоја од развиените европски метрополи, а во меѓувреме во Скопје ни се случуваат скандали, изјави независната кандидатка за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, која е поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, на вечерашниот предизборен собир во општина Бутел.

Арсовска истакна дека Град Скопје наместо да финансира проекти кои ќе значат изградба и подобрување на инфраструктурата, како на пример спортско игралиште гледаме дека со години финансирал сомнителни проекти од кој имале бенефит некои пријателчиња на досегашните предводници на градот, додека голем број наши деца и нивните семејства се колку што видовме изложени на скандалозни трауми претставени како некаква едукација.

„Денеска Градот Скопје се правда дека не знае каде му оделе парите. Ете токму тоа е лош менаџмент, да располагате со парите на скопјани, а да не знаете каде одат тие средства. Кога јас велам дека парите се расфрлаат на глупости, на пријателчиња и нивни организации и фирми, на тендери, на партиски вработувања, и кога јас велам дека заради тоа во Скопје не се гради, нема инфраструктура и нема ред во сообраќајот, сакаат да се потсмеваат, а всушност се потсмеваат со интелигенцијата на сите скопјани“, рече Арсовска.

Истакна дека актуелната власт парите на скопјани ги трошат за нивните сомнителни пријателчиња, но затоа таа и нејзиниот тим ќе ги наменат за нови еколошки автобуси.

„Рие пари кои ги даваат на скандали кои ги трауматизираат нашите деца, ние ќе ги намениме за бесплатен автобуски превоз за сите скопјани. Наместо пари за преплатени тендери, ќе има пари за сите заборавени населби низ Скопје. Луѓето без визија ќе ви кажуваат дека проектите кои ги предлагаме не можат да се реализираат. Да, видовме дека тие, досегашните, ниту можат ниту знаат да реализираат проекти, изјави Арсовска.

Истакна дека власта дава пари за скандали, затоа немаат средства за основните потреби на скопјани.

„Не изградија велосипедска рута од Бутел преку Чаир до Центар. Не направија зелен коридор на кејот на Серава, туку дозволија бетонски чудовишта да ни го нарушуваат градот. Овие калкуланти ветуваа нови тунел под Кале, нови училишта, гасификација, нова противпожарна станица тука во близина, и ништо не испорачаа, денес ќе ветуваат без да дадат отчет каде се потрошени парите на скопјани, зошто четири години се грижеа само за сопствениот џеб. И ништо не реализираа,“ потенцираше Арсовска.