Конкретна поддршка која ќе пристигне директно кај претпријатијата, бара Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) од Владата. Ова барање на ССК е преточено во 25 мерки кои и официјално се доставени до надлежните.
Олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, потранспарентно промовирање на кредитните линии и овозможување пристап за сите кои имаат потреба од ваквите средства, обезбедување национална гарантна шема за поддршка на фирмите при кредитирањето, директно и неселективно продолжување на мерката „месечна финансиска помош од 14.500 денари“ до март 2021 година, се само дел од мерките кои ССК очекува Владата да ги усвои и имплементира во соодветна временска рамка.
Сојузот апелира и да се одложат сите даночни долгови за 2020 година, да се плаќаат на рати, без камата. Потребно е, смета, и итно справување со сивата економија со соодветни достапни механизми кои може да се имплементираат веднаш.
Според претседателот на ССК, Данела Арсовска, предлог-мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор.
-Економските мерки доставени од Сојузот се базирани на реалните потреби на стопанството кое се соочува со голем број предизвици од кои најголем е нарушената ликвидност која многу брзо, доколку не се обезбеди итна финансиска помош може да доведе до затворање на правните субјекти. Приоритетна мерка треба да биде директна таргетирана финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности кои се пред пропаѓање. Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, со цел да им се овозможи на сите право подеднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постоечките кредити за оние претпријатија кои се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките, вели Арсовска.
Дополнително, ССК достави посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт. Важно е, нагласува, да не се дозволи претпријатијата од секторот транспорт да пропаднат во време на криза, зашто основните транспортни услуги нема да бидат лесно достапни кога ќе почне периодот на економското закрепнување.
По формирањето на Владата, ССК оствари неколку средби со високи претставници од економските ресори на кои беа поредочени состојбите со кои се соочува реалниот сектор поради КОВИД, но се разговараше и за изнаоѓање најсоодветни решенија.