Здравјето на граѓаните е најважно од се за сите, сем за лицемерните функционери и Влада на СДСМ.

Лицемерно е во време кога СДСМ ја губи поддршката од граѓаните и драстично паѓа на рејтинг кај анкетите, да измислуваат и поврзуваат непостоечки случаеви и скандали со ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем реалноста е многу поразлична и реалноста е друга, односно не е она кое што го говори СДСМ.

Фирмата ЕКО КЛУБ Битола е фирма која од Владата на Заев и СДСМ земала над 130 милиони денари за само една година од институциите, само 2019-тата година, или тоа се над 60 склучени договори за тендери од државните институции.

Ова е навистина импресивно.

Нема човек во државава кој не знае дека секој еден тендер што се доделува, директно е запознаен и одобрен од Зоран Заев или од некој негов близок во Владата или во СДСМ.

Тоа е едниот момент.

Вториот момент е дека член и функционер на СДСМ, Драги Давчевски претходните 2 години е еден од клучните директори во Дрисла, како и друг близок пријател на Зоран Заев од Струмица до пред половина година беше еден од клучните луѓе во италијанската компанија во Дрисла.

Очигледни се намерите на Зоран Заев и Владата личниот неуспех и личниот скандал да го префрлат на грбот на ВМРО-ДПМНЕ, но за жал не им успеа.

Граѓаните се свесни кој е виновен за целиот скандал и веќе ја знаат вистината за медицинскиот отпад.

Каде е тука одговорноста и кога случајот ќе има разрешница?

Залудни се дефокусирањата од страна на СДСМ и разрешница и одговорност мора да има што побрзо за овој случај.

Очигледно бизнисот на Заеви и на СДСМ е ставен пред здравјето на граѓаните.

Прашање: Претседателот на СДСМ, Зоран Заев во изјава за медиумите посочи дека околу законот за јавно обвинителство сите барања кои што досега во последниве 2 години ги имате доставено како партија, сите биле испочитувани и вметнати во законот. Дали сите барања се ставени според вас и дали ќе дадете поддршка?

Одговор: Најпрво за барањата како што рекол Зоран Заев во врска со законот за јавно обвинителство дека биле исполнети сите до сега, мислам дека ниту самиот не си верува на тоа. Доволно е познато на јавноста преку нашите излагања, нашите прес конференции дека не беа исполнети сите оние барања кои што ги баравме во преговорите, односно забелешки наши кои што ги  доставувавме во врска со законот за јавно обвинителство. Да беа исполнети сите барања досега ќе имавме функционален закон за јавно обвинителство и голем дел од функционерите на СДСМ најверојатно ќе беа веќе и во судовите да одговараат за целиот криминал. Впрочем и тоа беше намерата на Зоран Заев, да не ги прифатат сите барања за да нема функционален закон, односно да проба да донесе свој закон со кој ќе се амнестира од целокупниот криминал и одговорност. Во однос на законот за јавно обвинителство дали ќе го поддржиме, нашиот став е доволно познат. Единствено некој кој што во моментов, а тоа е и нашиот предлог, оној кој што треба и може да го направи овој закон кога веќе Зоран Заев не сака да ги прифати сите наши забелешки и препораки тоа е експертската јавност. Веќе нормално предложивме и тим, предложен од страна на претседателот Мицкоски, така да на потег е Зоран Заев, дали сака да се донесе закон за јавно обвинителство кој што понатака ќе биде во корист на граѓаните и државата и нема да биде пречка за евроинтегративните процеси на Република Македонија или да се обидува да ја силува демократијата во ова општество за да донесе закон кој што ќе го амнестира подоцна од криминалот, кој што верувајте подоцна по 12-ти април никако нема да се случи.

Прашање: Второто прашање ми е околу предлог законот за измените во Законот за игри на среќа, ова е барање од пратеници пред една ипол година, меѓутоа сега е изменето со тоа што се бара казината и обложувалниците да бидат оддалечени од населени места на 3 километри.  Дали ќе го поддржите овој закон?

Одговор: Во однос на вториот закон за игри на среќа можам само да ви кажам дека во тек се анализи на пратеничката група и утре во текот на утрешниот ден пред отпочнување на работата на Собранието ќе биде изнесен ставот од страна на пратеничката група како ние ќе гласаме или ќе се однесуваме по однос на тоа прашање. Верувам дека денес во текот на денот или утре од сабајле веќе ќе бидат завршени анализите.

Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ