Епидемијата од непотизам од најтежок вид ја има зафатено фамилијата на пратеничката Тања Ковачев од СДСМ, истакна на денешната прес конференција Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Мислиме дека на овој случај може дури да позавиди и Мира Дизел Стојчевска, дури и да биде љубоморна. Во интерес на времето да почнам со набројување на сомнежите за непотизам без поголем вовед, со мала напомена дека се работи за работни места со многу високи плати, многу повисоки од просечната плата која што ја добиваат граѓаните во Република Македонија.
Па така, прашуваме, дали сопругот на пратеничката Тања Ковачев, Дејан Ковачев без соодветно образование е вработен во АД Аеродромски услуги- Аеродроми на Македонија?
Дали сестрата на истата пратеничка, Катерина Хаџиевска Јакимовска е вработена во УЈП како инспектор за игри на среќа?, запраша Арсовски и продолжи:
„Дали зетот за сестра, Бобан Јакимовски е вработен во Водовод и канализација Скопје?
Дали Елеонора Фунду, золвата, односно сестрата на сопругот на пратеничката е поставена како претседател на Надзорен одбор на АД Аеродромски услуги Аеродроми на Македонија каде што работи Дејан Ковачев мажот на Тања Ковачев?
Еве почитувани, ако е сево ова точно тогаш во епидемијата на непотизам имаме и прв случај на вработена золва, покрај сите случаи на вработени мајки, синови, ќерки, сестри, браќа, свекрви, сопрузи, баби, дедовци и фризерки на високи функционери на СДСМ итн,меѓутоа да не им се мешаме и да не им навлегуваме во семејните релации и работи. Да нaпоменам дека дел од овие информации кои ги презентиравме ги добиваме од граѓаните па и членови кои што се крајно разочарани од оваа крими-непотистичка власт на деспотот Зоран Заев“, истакна Арсовски.
Тој додаде дека секој ден добиваат писма и пораки од разочарани граѓани од оваа власт која што ја претворила државата во приватна фирма за вдомување функционерски роднини на грбот и на сметка на граѓаните кои плаќаат даноци.
„Зарем во државата нема други невработени кои што треба да се вработат, пред се млади и квалификувани луѓе кои не можеле да се вработат на овие дебело платени работни места кои ги добиваат сепак најблиските роднини на функционерите на СДСМ. Како тоа токму нивните роднини се или единствени кои конкурирале или се најдобрите кандидати очекуваме се уште да кажат функционерите на СДСМ?
Сето ова е потценување на здравата разум на граѓаните, бидејќи моделот на Дизел вработување не е исклучок, тоа е правило во СДСМ. Залудно е лажното морализирање и пазарење еден ќе се повлече, двајца ќе останат вработени, колку да се замаја јавноста. Оваа епидемија ќе прекине само и само со пораз на оваа крими-непотистичка власт на избори, кога ќе почне и нивната демонтажа“, истакна Арсовски.