Вчерашното приведување на лидерот на политичката партија ГРОМ, Стевче Јакимовски не е ништо друго, освен одмазда кон политичките неистомисленици и обид за прикривање на актуелните скандали во кои се живи фатени, истакна портпаролот на ВМР-ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој на денешната прес-конференција рече дека СДСМ ја претвори Република Македонија во дувло на криминалот и корупцијата.
– Граѓаните секојдневно се сведоци на најбрутален грабеж и злоупотреби на државните ресурси за задоволување на хедонистичките потреби на власта. Секојдневно се сведоци на наместени тендери, иновативен криминал тежок десетици милиони евра и распродажба на највисоките државни интереси. Граѓаните сето ова го гледаат и го чувствуваат. Затоа Зоран Заев и криминалниот картел на власт се во паника. Затоа продолжуваат уште пожестоко политички да ги злоупотребуваат институциите во обид да дефокусираат од секојдневните скандали и да го заплашат народот и секој што не се согласува со нивната антидржавна и расипничка политика, рече Арсовски.
Тој нагласи дека Република Македонија е единствена држава во Европа каде што се апсат и притвораат пратеници на опозицијата, без никаква основа, спротивно на Уставот и законите.
– Малку им беше и тоа, па сега тргнаа да апсат и лидери на парламентарните партии. Приведувањето на лидерот на ГРОМ, Јакимовски е политичка конструкција со која што Заев сака да испрати порака дека органите на прогонот се негови инструменти и дека без разлика на доказите и правдата, секој може да биде мета на политички прогон, доколку јавно се осудил да го посочува криминалот на Заев и кликата околу него. Јакимовски не се плашеше да обелодени дека Заев на ливче му побарал 250.000 евра. Јакимовски не се плашеше јавно да говори за заканите кои СДСМ му ги упатуваше откако одлучи да се кандидира за градоначалник надвор од партијата на Заев, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
За жал, продолжи тој, во Македонија нема независно обвинителство и судство.
– Наместо истрага за криминалите на Заев, гледаме политички спектакли и приведувања. ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува злоупотребата на државните институции за пресметка со политичките неистомисленици и бара да се почитуваат законите и европските стандарди и да запрат политички монтираните случаи. Сите оние кои се ставиле на страна на криминалниот картел во власта и слепо извршуваат политички наредби, имаат и своја индивидуална одговорност. Нивните постапки ќе бидат детално испитани откако Заев ќе замине од власт. Откако ќе се врати правната држава ќе има одговорност за сите оние кои постапувале надвор од овластувањата и спротивно на законот. Заев, СДСМ и нивните извршители треба да знаат дека ваквото нивно дивеење е знак на слабост и нема да може да го заплашат народот, ниту пак да ги замолкнат граѓаните кои се погласно се спротивставуваат на нивните антидржавни политики, рече Арсовски.
Ова не е демократија, нагласи, и ова не се стандарди кои не водат кон Европската Унија, ова е обид на една криминогена структура да владее со страв.