Американскиот астрофизичар Ерик Дејвис изнесе тврдења коишто повторно ја отворија една од најголемите мистерии на модерното време. Научникот тврди дека американската Влада наводно поседува тела на најмалку четири различни вида вонземјани, а еден вид, според наводите, наречени „сиви“ – витки човековидни единки со сива кожа, наликуваат на суштеството од култниот филм на Спилберг – „Блиски средби од трет вид“ од 1977 година.

Уште повеќе, Дејвис тврди дека лично видел документи и записи поврзани со тие докази, но не може објави детали без соодветна правна заштита.

За американскиот ТВ-канал „Њуз-нејшн“ (NewsNation), научникот ги спомна и „нордијците“, коишто ги опишува како високи, со човечки изглед и светла кожа. За третата група, тн. „инсектоиди“, вели дека личат на богомолки, додека четвртиот вид го опишува како „влекачи“. Тој тврди дека тие тела наводно биле пронајдени по пад на неидентификувани вселенски летала и дека биле преместувани меѓу различни установи.

Сепак, јавно не се прикажани никакви проверливи физички докази што би потврдиле дека американските власти поседуваат тела на суштества од вонземско потекло.

Дејвис тврди дека пред повеќе од 10 години, додека одржувал врски со Агенцијата за одбранбено разузнавање на САД (ДИА), имал пристап до информации за местата каде што биле чувани наводните останки од вонземјаните. Според неговите кажувања, за време на првата Администрација на Барак Обама, одредена структура била преорганизирана, по што наводните останки биле преместени во неколку воено-медицински установи.

Дејвис сега бара правна заштита за да зборува за тие доверливи податоци. Тој го повика американскиот претседател Доналд Трамп да го забрза процесот што ќе му овозможи јавно да открие детали без страв од гонење за откривање државни тајни.

Инаку, американските институции не ги потврдија тврдењата на Дејвис. Пентагон и другите релевантни тела официјално се на ставот дека нема потврдени физички докази што би покажале дека неидентификуваните објекти се од вонземско потекло или дека американските власти пронашле тела на вонземски суштества.

Јавно достапните снимки и документи поврзани со феномените на НЛО (неидентификувани летачки објекти) и НАФ (неидентификувани аномалии и феномени) сè уште не понудија убедлив доказ за постоење вонземски живот.

Дејвис претходно зборуваше за наводно урнати или напуштени вонземски вселенски летала. Слични тврдења изнесоа и други поранешни американски разузнавачки и воени претставници. Сепак, Дејвис нагласува дека не видел никакви податоци што укажуваат дека американската војска некогаш заробила живи вонземјани.

Неговите тврдења, според тоа, остануваат дел од поширока дебата за феномените на НЛО – интригантни за јавноста, но без независно потврдени докази што би ги претвориле во факти.

Фото: ИМДБ